Дали во Македонија се почитуваат правата на потрошувачот?
Светскиот ден на потрошувачот се одбележува денеска и во Македонија под мотото „Остварени резултати во заштитата на правата на потрошувачите - кодекси на добра пракса“.
Пораката од Светската потрошувачка организација на овој ден е „Подобрете ги нашите права во услугите од мобилната телефонија“. Во оваа насока е лансирана нова потрошувачка агенда за фер услуги во мобилната телефонија. Агендата се фокусира на најчестите проблеми - сигурен сервис, безбедност на личните податоци, фер договори и јасни сметки за користење на услугата.
И во Македонија најмногу поплаки за заштита на потрошувачките права има за услугите на телекомуникациските оператори, дури повеќе и од оние за безбедноста на храната или квалитетот на облеката. Граѓаните се жалат на лош сигнал, нестабилност на мрежата, продолжување на договори без претходно консултирање со корисникот, неразбирливи наградни игри, плаќања за услуги кои не ги побарале.
„Лани на бесплатниот телефон на телекомуникацискиот регулатор се јавиле 14.115 граѓани за да се информираат како да го остварат правото на приговор. До Агенцијата за електронски комуникации се поднесени 2.032 приговори, што е двојно повеќе од предходната година“, вели Влатко Спирковски од АЕК.
Бројот на претставки на македонските граѓани до институциите за заштита на нивните потрошувачки права постојано се зголемува. Светскиот ден на потрошувачи почна да се одбележува од 1983 година со цел да се промовираат правата на потрошувачите во целиот свет.
Слично
