Дали во Црна Гора има странска војска?
Во црногорската јавност се прошири информацијата дека во земјата има странска војска.
Вицепремиерот Дритан Абазовиќ денеска ги повика граѓаните да не стануваат жртви на секојдневната пропаганда. Абазовиќ кажа дека пропагандата има за цел да ја наруши меѓуетничката и меѓуверската хармонија во Црна Гора.
„Тука сме да гарантираме мир и стабилност“, рече Абазовиќ.
Претходно денеска Абазовиќ ја посети црногорската Агенција за национална безбедност, откако вчера весникот „Побједа“ објави текст дека припадници на специјалните единици на српската армија и полиција се присутни во земјата. Весникот објави дека специјалците дошле во Црна Гора на покана на АНБ за да извршат безбедносна проценка на најавеното устоличување на митрополитот Јоаникиј. Владата го демантираше ова тврдење.
Голем број граѓани се собраа пред неколку дена во Цетиње за да протестираат против устоличувањето на Јоаникиј Миќовиќ за митрополит црногорско-приморски на Српската православна црква (СПЦ), закажано за 5 септември во Цетиње.Организаторите на протестот, група граѓани, бараат устоличувањето на Јоаникије да биде на некое друго место, а не во Цетинскиот манастир, седиштето на Митрополијата.
Тие велат дека Јоаникије е „недостоен за престолот на Свети Петар Цетински“, дека е човек на Црквата на Србија и најавија „одбрана“ на Цетинскиот манастир.
