Дали Унгарија се подготвува за воведување на еврото?
Економскиот тим на партијата Тиса, која победи на неодамна одржаните парламентарни избори, денеска објави дека Унгарија би можела да ги исполни условите за воведување на еврото во рок од четири години.
Андраш Карман, кој е одговорен за финансиите во Тиса, изјави дека е потребно детално да се разгледа фискалната состојба на земјата и да се спроведат консултации пред да се утврди точниот датум за воведување на заедничката европска валута, нагласувајќи дека реалниот рок би можел да биде 2030 година, со можност тоа да се случи и порано доколку се исполнат условите.
Според унгарскиот Телекс, тој додаде дека меѓу клучните критериуми за влез во Еврозоната е стабилноста на цените, но дека Тиса не планира да го постигне тоа со административни ограничувања на цените, оценувајќи ги таквите мерки како неодржливи на долг рок во пазарна економија.
„Целта е постепено да се укинат ваквите интервенции, но на начин што нема да ги оптоварува граѓаните“, рече Карман.Додаде дека ограничувањето на трговските маржи за прехранбени и лековити производи би можело привремено да се продолжи.
