Дали Унгарија ќе успее да го воведе еврото до 2030 година: Експертите се скептични
Со цел да ги поправи нарушените односи со Брисел, новото унгарско раководство сака земјата да го воведе еврото до крајот на деценијата. Сепак, со слаба економија и кратки рокови, експертите предупредуваат дека патот ќе биде тежок.
Новиот унгарски премиер, Петер Маѓар, сака да го обезбеди враќањето на земјата во главните текови на Европската Унија и презема брзи чекори за да ги измазни односите нарушени од долгогодишното владеење на Виктор Орбан. Дел од таа стратегија е и планот Унгарија до крајот на деценијата да биде подготвена за влез во еврозоната.
Сепак, дел од јавноста во земјата, вклучително и гувернерот на централната банка, сметаат дека овој временска рамка би можела да биде премногу амбициозна, со оглед на тоа што премиерот во заминување, Орбан, зад себе остава забавена економија и фискален неред. Меѓутоа, доколку пристапувањето кон еврото се спроведе на правилен начин, Унгарија би можела да оствари значителни придобивки.
Исполнувањето на условите за воведување на еврото ќе биде тешка задача за новата влада. Партијата „Тиса“, предводена од Маѓар, има мал простор за маневрирање во однос на трошењето и реформите, особено среде актуелната криза на Блискиот Исток, смета Сили Тан од аналитичкиот оддел на британската медиумска група „Економист“.
„Не очекуваме воведување на еврото во следната деценија“, вели Тан.
И покрај тоа, „Тиса“ е силно мотивирана. Враќањето на Унгарија во мејнстримот на Европската Унија – од „илибералната“ периферија на која ја турна Орбан – беше клучен дел од изборната кампања на партијата. Влезот во еврозоната дополнително би ја зацврстил таа нова порака.
Времето е кратко, па затоа Маѓар го повикува Брисел да одблокира 17 милијарди евра од средствата кои беа замрзнати поради демократското назадување на Орбан и проблемите со владеењето на правото. Дури десет милијарди евра од таа сума мора да бидат искористени пред истекот на рокот во август.
Околу 75 отсто од Унгарците го поддржуваат воведувањето на единствената европска валута, покажа истражувањето од 2025 година. Сепак, речиси ист процент од испитаниците сметаат дека земјата сè уште не е подготвена за тој чекор. Партијата „Тиса“ се надева дека гласачите ќе го имаат ова предвид во наредните години, бидејќи економската консолидација веројатно ќе значи кратење на потрошувачката или зголемување на даноците.
Телеграф.рс