Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДАЛИ ТВИТЕР МОЖЕ ДА БАНКРОТИРА? Распродава предмети од седиштето, приходите се преполовија

ДАЛИ ТВИТЕР МОЖЕ ДА БАНКРОТИРА? Распродава предмети од седиштето, приходите се преполовија

Компанијата „Твитер“ започна онлајн аукција на стотина предмети од своето седиште во Сан Франциско. Статуата во форма на пиле - корпоративното лого достигна цена од 11.000 долари на онлајн аукцијата, јавува Би-Би-Си. Плантер во форма на симболот @ со дијаметар од 190 сантиметри чини 4.300 долари.

Откако минатата година го купи Твитер за 44 милијарди долари и ја презеде функцијата извршен директор на крајот на октомври, Илон Маск отпушти околу половина од 7.500 вработени во компанијата. Тој, исто така, стави крај на многуте поволности што ги уживаа вработените, вклучително и бесплатните оброци.

На онлајн аукцијата се појавија и некои кујнски апарати, вклучувајќи неколку висококвалитетни машини за еспресо La Marzocco, како и фонтана за газиран пијалок со машина за мраз. Технолошкиот гигант одлучи да продаде и пар масички за кафе „Херман Милер“, чија цена во редовна продажба е околу 2.000 долари.

„Твитер“ продава и печатачи, па дури и канцелариски комплети со фиоки - почнувајќи од 60 долари. Маск уште во ноември на својата сметка на „Твитер“ објави дека компанијата забележала „значително намалување на приходите“ по заминувањето на неколку огласувачи. Тој исто така предупреди дека компанијата може да банкротира.

Твитер наводно не платил кирија за канцелариски простор во своите канцеларии ширум светот, вклучувајќи го и седиштето во Сан Франциско, каде што сопственикот веќе поднел тужба за долгот.

Ник Дов, претставник на Херитиџ Глобал Партнерс, компанијата што управува со аукцијата, изјави за магазинот „Форчн“ дека продажбата нема никаква врска со враќањето на 44 милијарди долари потрошени за купување на компанијата. „Ако некој искрено мисли дека приходот од продажбата на неколку компјутери и столици ќе ја исплати таа сума, тогаш е морон“, нагласува Дов.

Но, светските медиуми пишуваат дека кризата во Твитер продолжува, и повикувајќи се на извештаите посочуваат дека приходите на платформата забележале пад од 40 проценти. Ова следува откако над 500 клиенти донесоа одлуки да ги паузираат нивните реклами по преземањето на социјалната мрежа од Илон Маск, пренесува Гардијан.

Рекламите беа главен извор на приходи за Твитер и опфаќаат над 90 проценти од вкупните приходи од 5,1 милијарди долари кои ги остварила компанијата во 2021 година. Меѓу клиентите кои ги имаат паузирано своите рекламни кампањи на платформата се и автомобилскиот гигант Ауди и фармацевтската компанија Фајзер.

Ваквото губење на клиентите започна по стравувањата дека ќе се зголеми количината на говор на омраза на социјалната мрежа по нејзиното преземање од мултимилијардерот Илон Маск, кој самиот се имаше наречено „апсолутист во слободата на говор“. 

Слично

Поврзани вести