Дали Србите се плашат дека Русите ќе им ги земат работните места?
Историјата се повторува. Како што лани украинските бегалци бараа работа во земјите каде избегаа, сега и руските граѓани кои се во Србија, ги нудат своите вештини со цел да заработат. Оние кои имаат свои фирми, си ги рекламираат бизнисите по социјалните мрежи, за да привлечат клиенти, а некои нудат и рачни изработки на продажба. Имаше и сопственици на кафулиња кои овозможуваат работа за Русите, за плата нешто повисока од минималната.
Но, ги прашавме српските граѓани, дали стравуваат дека напливот на руски државјани кои избегаа од мобилизацијата ќе придонесе да има помалку работни места за нив, затоа што и кај нив економската слика не е на посакуваното ниво.
„Не сум забележала дека некој се жали и дека некому му пречи. Според мене, луѓето дошле во Србија и секако дека мора да се вработат“, вели Јелена Балџиќ, граѓанка од Србија.
Дел од руските граѓани, во групите на социјалните мрежи каде си разменуваат информации со цел да си ја олеснат адаптацијата во Србија, стравуваат дека нивното вработување може да наиде на отпор или пријави во инспекторатите, поради што настојуваат да си ги средат документите и да немаат непријатни ситуации.
„Јас сум половина Русинка, а пола Украинка, мажена во БиХ, а поседуваме имот во Србија кој го издаваме и не можам да кажам дали некому ќе му пречи ако Русите се вработат во Србија, но на Русите не им пречи Србите да работат во Русија“, вели друга наша соговорничка.
Друга Србинка која живее во мал град во источна Србија има разбирање за маките на Русите и Украинците. Таа нема против овие луѓе да работат во нејзината земја.
„Во Србија има Руси, кои избегаа, како и во секоја друга војна. Попрво сакам Руси да работат овде, отколку Кинезите. Имаме иста вера и јазикот се учи во училиштата. Со Русите можам да се разберам поради блискоста на јазиците, а со Кинезите не. Многу мигранти имаме во Србија, од Сирија, Пакистан, Авганистан. Работа има ако сакаш да работиш. Немам ништо против рускиот, ниту против украинскиот народ. Тоа е измачен народ, кој го спасува својот живот и животот на блиските. Политиката си го направи своето, а Америка како воена сила секаде се меша. Сите сме под иста небесна капа, само што луѓето тоа не го сфаќаат затоа што се затруени со омраза. Што се однесува до инспекции, мислам дека тоа се лажни вести во медиумите“, додава Весна.
Инволвираните во бизнисот велат дека денес секој може да се снајде секаде, само ако е квалификуван. Како пример ги наведуваат македонските граѓани кои се иселуваат и се вработуваат во Германија, САД и други земји.
Србија не е прв избор на руските граѓани. Некои од нив пред да дојдат во Србија, биле во Ерменија или Турција. Бираат земји каде можат да влезат без визи.
До 15 ноември лани, според српските медиуми, во Србија допатувале над 150.000 Руси. Ако на тоа се додадат уште 22.000 Украинци и 5.500 Белоруси, тоа се 178.000 луѓе, односно население како Крагуевац.
Сања Атанасовска
FOTO: MONDO/STEFAN STOJANOVIĆ/MN PRESS
