Дали Собранието ќе ги потврди оставките на опозициските пратеници?
Во Собранието попладнево треба да започне 4-тата собраниска седница на овој парламентарен состав, на која на самиот старт би требало да бидат верификувани оставките поднесени од пратениците од опозицијата.
Но, на дневен ред нема ваква точка.
„Некогаш е потребно да му се даде време на времето. Затоа би било полезно ако Собранието го одложи констатирањето на оставките на опозицијата“, напиша денеска на Твитер пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
Неофицијално, владејачкото мнозинство има намера да ја одложи потврдата на оставките од опозицијата за да остави простор за дијалог и враќање во Собранието. Неизвесно е како на ваков потег ќе реагира опозицијата, особено откако три пратенички одбија да ги следат инструкциите на партијата што ги кандидираше и не поднесоа оставки.
Во приилог на можноста да се одложи сосема одлуката за пратеничките мандати на опозицијата, говори и информацијата на Дојче веле за засилен ангажман од меѓународната заедница за излез од новата политичка криза во Македонија.
Петер Ванхоуте, белгискиот експерт кој на предлог на ЕУ учествуваше како медијатор во ад-хок Комисијата за расветлување на настаните од Собранието на 24 декември 2012. година, повторно е ангажиран во Скопје, дознава неофицијално Дојче веле од дипломатски избори. Овој експерт за независност и јакнење на парламентот како институција, веќе „одреден период“ водел разговори со раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се воспостави дијалог и да се надминат пречките за враќање на опозицијата во Собранието. Според истите извори, засега немало директни разговори Заев - Груевски, туку само одвоени средби на партиските лидери со европскиот посредник.
Но, Уставот и законите не предвидуваат можност да се одложи констатацијата на оставката депонирана од пратеникот. Собранието за оставката не расправа, туку само ја констатира на првата наредна седница. Неофицијално, идејата е ова да се премости на тој начин што ќе се инсистира на присуство на пратениците од опозицијата во салата и образлагање на оставките, иако претходно за пратеникот на НДП Руфи Османи оставката беше прифатена во писмена форма, без образлагање.
Доколку Собранието денеска не ги констатира оставките на опозициските пратеници, она што веројатно ќе следува е лидерска средба свикана од претседателот Ѓорге Иванов, во обид да се надмине политичката криза, велат партиски извори.
