Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали случајот „Висарис“ ќе стигне до обвинителство?

Дали случајот „Висарис“ ќе стигне до обвинителство?
Опозициската СДСМ се обрати до јавниот обвинител и до надлежните институции - бара да го истражат случајот со набавка на медицинска опрема од фирмата „Висарис“, сопственички поврзана со новинарката Ивона Талевска. Партијата денеска излезе со обвинување дека целиот тендер бил намесетен, бидејќи еден месец пред отворањето на понудите биле направени измени во условите на тендерот. „Во огласот за доделување на тендерот, првично се поставени високи критериуми за фирмите што конкурираат. Треба да имаат најмалку три реализирани договори за ваков вид бизнис во Македонија, во Европската унија, Норвешка, Швајцарија, САД, Канада, Австралија и Јапонија. Во измените, направени на 26.12.2012 година или точно месец и два дена пред отворањето на понудата на 28.01.2013 година, изненадувачки, се додава ЦЕФТА со што влегува и Србија меѓу земјите од каде што може да конкурираат фирми. Со ова се симнуваат критериумите и се овозможува влез на тендерот, на фирмата „ВИСАРИС МКД“ на Талевска, преку српска фирма“, истакна портпаролот Петре Шилегов. Тој додаде дека од тендерот бил повлечен и еден од значајните услови за квалитетот на медицинската опрема. Владејачката ВМРО ДПМНЕ одговори со контра-обвинување. Според нив, СДСМ продолжува со конструкциите и манипулациите во јавноста за да го сокрие скандалозното богатење на фирмите на Зоран Заев во Струмица, кои директно од Заев и oпштина Струмица добивале милионски суми од јавните набавки.

„СДСМ бега од одговорите на прашањата, како е возможно речиси сите фирми од кланот Заеви да добијат тендери во oпштина Струмица. Како е возможно милионски суми да добиваат фирмите на таткото, чичкото, стрината и братучедите на Зоран Заев. СДСМ не можат да го сокријат фактот дека нивниот претседател Зоран Заев ја лажеше јавноста за личното и семејното богатсво. СДСМ со ниту една конструкција не може да ги покрие лажните суми кои што пред јавноста ги искажа Зоран Заев, а кои потоа беа демантирани со официјални документи и податоци“, се вели во реакцијата.

 
Слично

Поврзани вести