ДАЛИ СЕ ВКЛОПУВАТЕ: Колку киловати годишно троши просечно семејство?
Едно македонско домаќинство со четири члена во просек месечно троши 492 киловат- часови електрична енергија, а според актуелната цена на струјата од 5,54 денари за киловат- час за да ја плати потрошената струја му требаат 2.725 денари. Ова, секако, не е износот на просечната сметка за електрична енергија, која секој месец ја добиваме во поштенските сандачиња, бидејќи во неа не се додадени комуналната такса за јавно осветлување и данокот на додадена вредност, а од први октомври годинава, со воведувањето на евтината тарифа и преку ден може да се надеваме и на помал износ.
Според податоците од Државниот завод за статистика, секој жител годишно троши по 1.475 киловат- часови електрична енергија, односно финалната потрошувачката на електрична енергија во просечно македонско домаќинство со четири члена изнесува 5.900 киловат- часови. Пресметката покажува дека годишно се потребни околу 530 евра за да се плати сметката за овие потрошени киловати, односно просечната месечна сметка изнесува околу 45 евра. Секако овој износ не е рамномерно распределен во сите месеци, а кај оние семејства што се греат на струја сметката е најдебела во текот на зимските месеци.
Токму поради затоплувањето на домовите со термо- печки, струјата е најчестиот вид енергија што го трошат македонските домаќинства. Електричната енергија учествува со дури 53,3 отсто во финалната потрошувачка на енергенти во домаќинствата, а потоа следи биомасата (дрва) со 37,5 отсто. Во многу помал обем се користат топлинската енергија (6,6 отсто) и нафтата (2,3 отсто), а најмалку се користат цврстите горива (0,2 отсто).
Што се однесува до производството на електрична енергија, во првите седум месеци од годинава хидроцентралите потфрлија и остварија само половина од испорачаната струја во минатата година. Вкупното производство од домашните енергетски капацитети во периодот јануари- јули 2017 година изнесуваше 5.462 гигават- часови, од кои хидроелектроцентралите произведоа 445 гигават- часови, односно само 54,9 отсто од ланското производство. Трите блока на термоцентралата „Битола“ произведоа 1.967 гигават- часови, а ТЕЦ „Осломеј“ 30,9 гигават- часови. Гасната централа во Скопје „Те- То“ испорача 356,6 гигават- часови струја, а ветерната централа во Богданци во електроенергетскиот систем внесе 63,2 гигават- часови струја.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2016 година, вкупното бруто- примарно производство на енергија во Република Македонија изнесува 1.113.745 тони нафтен еквивалент или 41,4 отсто од вкупно потребната енергија.
Најголеми финални потрошувачи на енергија во 2016 година се сообраќајот со 34,9 отсто, домаќинствата со 24,7 отсто и индустријата со 21,3 отсто од расположливата финална потрошувачка.
(М.Б.)
