Дали прогресивниот данок ќе биде „товар“ на грбот на ИТ инженерите?
Со прогресивниот данок кој го воведе власта ќе бидат опафтени луѓето кои имаат примања над 1.500 евра, а во оваа група први на удар ќе бидат ИТ инженерите.
За тоа дали го оправдуваат или не прогресивниот данок, нивните мислења се поделени. Едни сметаат дека е во ред да се плаќа, а други пак велат дека прагот е пренизок.
„Ако сакаме да живееме во поубава држава, и ако е тоа за погрес на општеството, јас оправдувам да се плаќа, но да плаќаме сите и да биде тоа правилно. Сепак, знаме сите како фунционираат работите во нашата земја, има сива економија и тоа не е во ред“, вели стружанка.
ИТ инженер од Битола вели дека прагот е многу низок и дека на некој начин ќе бидат казнети луѓето од неговата фела, кои успеале да добијат повисока плата во земјата, иако таа е ниска ако се спореди со земјите во регионот или пак подалеку во Европа.
„Јас го оправдувам прогресивниот данок, но прагот е пренизок. Не треба да се зема од оние лица кои тие пари ги земаат како плата, или жаргонски кажано одат секој ден на работа, се чекираат кога доаѓаат и си одат од работа, а при тоа немаат свој бизнис. Се создава чувство дека тие луѓе се казнуваат, иако вложувале во себе, се надградувале, студирале. Тоа според мене создава една пракса дека не треба многу да се развиваме и дека тие примања се луксуз. Баш на оваа тема кога зборуваме, јас имам колега кој ја заработува таа сума, но при тоа има сопруга и две деца, а сопругата не работи. Значи многу е темата комплексна, задира дури и во приватни работи“, додава ИТ инженер од Битола.
На никој не му е мило кога треба да плаќа повисоки даноци, вели сопственик на компанија од истиот град кој вработува ИТ инженери.
Доколку се земат економските аспекти на прогресивниот данок се доаѓа до заклучок дека и најразвиените држави во Европа ја користат прогресивната стапка за плаќање, смета проф.д-р Марјан Стевановски.
„Пример во Германија како една од најразвиените европски држави го применува прогресивниот данок на симплифициран начин: што повеќе заработувате тоа поголем данок плаќате. Големината на даноците се движи од 14 до 45% а се оданочува износот поголем од 9000 евра на годишно ниво. Оваа сума од 9000 евра претставува проценка на државата и истиот се нарекува егзистенцијален износ. Тој износ е потребен на еден човек да преживее задоволувајќи ги своите основни потреби. Меѓутоа посочениот пример е за високо развиените држави кои имаат висок стопански растеж и висок Бруто домашен производ. Македонија како мала држава е држава која континуирано се наоѓа во некои транзитивни периоди, држава која има социјални проблеми. Мислам дека со воведувањето на прогресивната стапка на данок со која се дефинира само маргинален доход односно само разлика помеѓу повисоко остварениот доход и прагот што се дефинира како доход на претходна даночна стапка, нема да има дискриминација, а се постигнува целта-поголемо даночно оптоварување на повисоките приходни стапки и се разбира поголем прилив на финансиски средства за државата како јавни приходи“, вели тој.
Но, вели се поставува прашањето, кои даночни стапки да се применуваат.
„Примената на пониски даночни стапки ќе предизвика помала даночна евазија. Но, овие пониски даночни стапки нема да предизвикаат кумулирање на поголемо ниво на даночен приход. Поголеми даночни стапки ќе предизвикаат поголемо ниво на даночен приход, но и појава на некои несакани ефекти: прикривање на реалната плата, отпуштање на вработените поради повисоки трошоци и сл. Тоа значи самиот процес на воведување на прогресивниот данок нема да служи за остварување на целта туку ќе се предизвика спротивен ефект“, вели проф.д-р Марјан Стевановски.
Според него, потребно е да се направат економски истражувања со кои многу внимателно ќе се постапува и воведува прогресивниот данок.
Владата воведува прогресивен данок, а како праг на одданочување ќе се зема приходот од 90 илјади денари за што ќе се плаќа дополнителен данок од осум проценти. Сите кои земаат поголема плата од 90.000 и ќе бидат опфатени со поголем данок на доход. Сепак со 10% како до сега ќе се оданочуваат 90.000 денари, додека се што ќе ја надмине оваа граница со 18 % данок.
Од оваа мерка државата ќе добие 25 милиони евра.
Сања Атанасовска