ДАЛИ ПРИЧИНА Е МАКЕДОНИЈА: ПАСОК бара избори
Ако Независни Грци не гласаат за договорот за името на нашата земја, Грција треба да оди на избори.
Овој став го соопшти портпаролот на ПАСОК, Павлос Христидис во утринска емисија на грчката телевизија „Скај“.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, тој освен што упати критики до актуелната грчка коалициона Влада во однос на тоа дека нема единствена позиција во разговорите за името, ги повтори и позициите на својата партија.
„Сакаме искоренување на иредентизмот, промена на Уставот, да нема фалсификување на историјата, да постои единствена позиција, да нема поделба на решението на делови и ова да дојде во парламентот, а таму ќе ги изнесеме нашите ставови, кога од Владата ќе добиеме заеднички предлог. Земјата има Влада на СИРИЗА и Независни Грци, не може кога и одговара да е само СИРИЗА, а кога не и одговара да е СИРИЗА и Независни Грци. Ако не гласаат Независни Грци, земјата треба да оди на избори“ - вели портпаролот на ПАСОК.
Во Грција партиите имаат различни ставови за името. Тврди ставови има и Панос Каменос, кој е во Владата на Алексис Ципрас, и како што објавија грчките медиуми, македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров можно е да замине во Атина, а изразил желба и лично да се сретне со Каменос.