Дали предлогот на Зоран Заев е достоен за компромис меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ?
Денешниот ден донесе повеќе изненадувања на политичката сцена. Најпрвин СДСМ преку потпретседателот Зоран Заев, направи чекор назад во своите барања, со барање за одложување од 14 дена на локалните избори, и без ултиматум за предвремени парламентарни избори, а веднаш потоа ВМРО ДПМНЕ го дочека на „волеј“ овој предлог, со тврдење дека за предвремени не може ниту да се зборува, а за датумот на локалните нема можност за поместување.
ШТО ПРЕДЛОЖИ ЗАЕВ, А ШТО ОДБИ ВМРО ДПМНЕ?
1. Го прифаќаме предлогот на Претседателот Иванов кој е веќе прифатен и од ВМРО-ДПМНЕ и предлагаме конституирање на експертската комисија пред почетокот на кампањата – за ова се потребни неколку денови.
2. Го прифаќаме предлогот на Премиерот Груевски, заедно да го донесеме изборниот законик со вградени препораки на ОБСЕ И ОДХР и да испратиме позитивна порака до меѓународната зедница – и за ова требаат неколку денови.
3. Го прифаќаме предлогот на Премиерот Груевски заедно да го дефинираме зголемениот и зајакнат мониторинг на локалните избори – и за тоа требаат неколку денови.
Притоа го преформулираме последниот наш став и предлог.
4. Заради прифаќање и реализација на предлозите на Претседателот на државата и Премиерот потребни се минимум 14 дена кој истовремено ќе бидат доволни за подготовки на опозицијата за учество на локалните избори.
5. Доколку коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ добие подршка од граѓаните со 1 глас повеќе на советничките листи од коалицијата предводена од СДСМ – предвремени избори нема. (овде нема никаков ултиматум)
Ова го предлагаме пред донесување на одлуките за следните чекори на опозицијата зад која стојат 439.000 гласови. Доколку генерално е прифатливо, а сепак постојат одредени дилеми за детали околу овој предлог, прифаќаме или предлагаме лидерска средба на која ќе присуствуват и двете најголеми албански политички партии. Овој предлог пакет е потврда за нашата силна решеност и желба за добрата иднина на државата, политички дијалог и Евроатлантски перспективи на Македонија.
ОДБИВАЊЕТО НА ПРЕДЛОГОТ ОД СТРАНА НА ВМРО ДПМНЕ
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ реагирајќи на изјавата на Заев го реафирмираше ставот дека нема одложување на терминот за локалните избори, ниту можност за предвремени парламентарни кои ги бара опозициската СДСМ.
„Не постои можност за каков било политички договор за предвремени парламентарни избори, ниту постои можност за прифаќање на какви било уцени од страна на СДСМ. Не постои можност за одложување на датумот 24 март 2013 година, кога е предвидено одржување на редовните локални избори“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите други идеи за надминување на кризата создадена од СДСМ, а планирана од нивна страна уште од јуни, во кои не се содржани овие две точки, ВМРО-ДПМНЕ внимателно ќе ги анализира и ќе се произнесе“, стои во реакцијата на владејачката партија.
ЗАЕВ: НЕМААТ АРГУМЕНТИ
Неприфаќањето на барањето на опозицијата за одложување на локалните избори од владечката ВМРО-ДПМНЕ и нивното објаснување за тоа правно не држи вода, вели потпретседателот на опозициската СДСМ Зоран Заев, во изјава за радио Слободна Европа.
„Затоа што законот вели дека 35 дена од распишување на изборите се доставуват кандидатски листи, така да ако се заинтересирани за решение, треба да седнат внимателно да разгледаат прво што тоа не прифаќаат од наша страна и второ дали тоа што го условуваат како нивни два главни услови е реално законски спроведливо.“
Слично
