Дали повисока минимална плата ќе не „извади“ од сиромаштија?
Премиерот Зоран Заев, неодамна изјави дека сакаат да ја зголемат минималната плата на 13.000 денари.
Тој порача дека ја покачиле минималната плата, но тука не застануваат, и преговараат за ново зголемување со цел парите да завршат кај граѓаните. Премиерот смета дека ако минималецот биде 13.000 денари, ќе се забрза растот на платите.
Но, дали повисока минимална плата ќе влијае на ублажување на сиромаштијата кај населението?
„Секако дека ова покачување нема директно и значително да го подобри квалитетот на живот кај оние семејства што имаат еден вработен во семејството, примател на минимална плата, но ќе придонесе кон семејните буџети, а истовремено ќе изврши притисок на вкупното покачување на платите, генерално, или уште поважно, ќе отвори можност за покачување на висината на социјалните бенефиции, односно за висината на гарантираниот минимален приход. Според Анализата за одредување на индикаторите за минимален достоинствен приход во Република Македонија изработена од Македонската платформа против сиромаштија во 2013 година, еден од главните генератори на сиромаштијата во Македонија и област на која треба да се работи за да се намали сиромаштијата е токму ниската, законски утврдена, минимална плата“, вели Билјана Дуковска од Македонска платформа против сиромаштија.
Додава дека во земјава минималната плата е многу ниска.
„Земајќи во предвид дека гарантираниот минимален приход за едно семејство мора да биде понизок од минималната плата, за да не го наруши пазарот на труд, а во нашиот случај минималната плата е многу ниска, нивната меѓусебна поврзаност претставува пречка да се исплаќа достоинствена висина на гарантираниот минимален приход и вистински да се извлекуваат луѓето кои живеат во сиромаштија. Очекувано е дека со растот на минималната плата ќе се намалува и бројот на вработени сиромашни, што е особен предизвик, за да не ги изгубиме и нив од пазарот на труд“, додава Дуковска.
Вели дека го поддржуваат зголемувањето на минималецот, и се надеваат дека и понатаму минималната плата ќе расте.
Инаку, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) месецов бара зголемување на минималната плата на 13.800 денари, со цел подобрување на стандардот на работниците со најниски плати и на нивните семејства.
ССМ укажа дека во услови кога Синдикалната минимална кошница за март 2019 година изнесува 32.852 денари, а само трошоците за храна и пијалоци изнесуваат 13.798,98 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата која согласно Европските препораки и тенденции треба да изнесува 60 отсто од просечната плата во државата.
Како што претходно беше најавено и информираше Министерството за труд и социјална политика, минималната бруто плата се усогласува за 3,3 проценти и ќе изнесува 17.943 денари, односно нето 12.507 денари, и ова важи од април.
Само Албанија имала пониска минимална плата од Македонија во јануари. Според податоците за првиот месец од оваа година кои ги објави ЕУРОСТАТ, Македонија и Албанија се единствени земји во Европа кои имаат минималец помал од 250 евра.
Сања Атанасовска