Дали по две децении ќе се изгради Скопје-Блаце: Груби објави дека завршила експропријацијата
Ветуван е две децении, долг е само 12,5 килметри - ќе се изгради ли конечно автопатот од Скопје до Блаце. Првиот вицепремиер Артан Груби информираше синоќа дека вчера на Влада ја завршиле целосно експропријацијата на автопатот со што се отстраниле сите пречки за изградба на автопатот.
Дали ова е конечниот „пас“ кон изградбата или ќе има и други „пречки“ навистина не се знае. Во октомври година премиерот Зоран Заев рече дека целиот автопат до Приштина ќе биде готов за две и пол години. Тогаш тој рече дека за втората делница уште траат експропријационите односи во кои треба да се реши и поранешниот полигон со Генералштабот кој стои на делницата. Автопатот се смета за стратешко прашање, а преку него ќе се стастува од Скопје до Приштина за 45 минути.
„Во моментот се решаваат и оние 600 метри меѓуграничен премин како да влезат внатре покриени преку ИПА-компонентата. Ако сите овие работи ги завршиме до крајот на годината, верувам дека во првото тромесечје од 2021 ќе се стартува со комплетна реализација на ова автопатско решение. По проектните документации на Европската банка за обнова и развој, за тоа е предвидено 3 до 4 години, јас верувам дека ќе биде за 2,5 години, може да се стигне. Затоа што е 21 век, има современи и добри механизации имајќи во предвид дека доста време се изгуби на други прашања како што е експропријацијата“, рече Заев во октомври.
Годинава, во јануари, Јавното претпријатие на Северна Македонија за државни патишта потпиша договор за изградба на првите два километри на Автопатот Скопје - Блаце, а останатите 10,5 километри останаа во фаза на проектирање
Тогаш вицепремиерот Бујар Османи, сега министер за надворешни работи кој раководеше со министерската група формирана во март 2018 година за изградба на автопатот, го оцени како проект од особено стратешко значење за Северна Македонија.
„Донесовме стратешка одлука да го поделиме на два дела затоа што сметавме дека процедурите се различни ако автопатот е изграден со средства од буџетот и од заем, и затоа не случајно ги поделивме првите два километри, затоа што тие ќе се изградат само со средства од буџетот на Jавното претпријатие за државни патишта“, рече Османи.
Тој рече дека на овој начин автопатот ќе се гради побрзо и истакна дека откако ќе биде готов, растојанието Скопје - Приштина ќе може да се помине за околу 45 минути.
За другиот дел од 10,5 километри е обезбеден грант од 27 милиони евра од Фондот инициран од ЕУ, (ВБИФ), додека се очекува и финализирање на заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
