ДАЛИ ПЛАТАТА ГИ ПОКРИВА МЕСЕЧНИТЕ ТРОШОЦИ: За одмор нема, сметки мора да се платат!
Бројот на материјално обесправени лица бележи пораст. Според податоците од најновата Анкета за приходите и условите на живеење на македонските домаќинства објавена од Државниот завод за статистика, во 2013-та година дури 40,3 отсто од граѓаните имале тешкотии со плаќањето на комунални сметки, рати за кредити за купување или за реновирање на станот, станарина, рати за потрошувачки кредити. Овој процент е поголем за 2,3 отсто од 2011-та кога процентот на материјално обесправени лица изнесувал 38 отсто. Оваа Анкета Државниот завод за статисика за прв пат ја спроведе во 2013-та година кога беа објавени податоци за 2010-та година. Истражувањето е направено според стандардите на европскиот завод за статистика Евростат.
Податоците од Анкетата покажуваат дека според возраста, стапката на сериозно материјално обесправени лица односно лица кои не можат да си дозволат барем 4 од деветте основни потреби е највисока кај лицата од 65 години и повеќе и изнесува 38,8 отсто, но и кај лицата од 0 до 17 години или 38 отсто.
Од спроведената анкета се забележува дека вкупно 61,9 отстоод граѓаните се изјасниле дека многу тешко или тешко им стигнуваат месечните приходи за да ги покријат потребите. Процентот на испитаниците кои се изјасниле дека со извесни тешкотии ги покриваат потребите изнесува 28 отсто, а само 2,1 отсто одговориле дека со месечните приходи лесно можат да покријат потребите.
Дали вкупните месечни приходи ги задоволуваат потребите ( извор ДЗС)
Многу тешко 34,3 %
Тешко 27,6 %
Со извесни тешкотии 28%
Подносливо лесно 7,4%
Лесно 2,1%
Многу лесно 0,6 %
Што можат домаќинствата да си дозволат со месечните приходи?
На прашањето Дали домаќинството може да си овозможи да плати еднонеделен одмор во текот на годината дури 70,2 отсто од испитаниците одговориле негативно наспроти 29,8 отсто кои одговориле дека тоа за нив не претставува проблем. Дури 55,6 отсто од домаќинствата одговориле дека не можат да си овозможат да платат јадење со месо, риба или вегетаријанска храна два пати во неделата, а за 44,4 отсто од испитаниците тоа не претставува проблем. На прашањето дали домаќинството може да се соочи со неочекуван трошок плаќајќи го со сопствени средства, 64,3 отсто од испитанците одговориле негативно, а 35,67 отсто одговориле позитивно. И покрај високиот процент на домаќинства кои со месечните приходи тешко ги покриваат потреби, сепак граѓаните се дисциплинирани кога се во прашање сметките за комуналии. На прашањето “Дали вашето домаќинство, во последните 12 месеци, поради недостиг на пари, имало потешкотии во плаќањето на сметки за комунални услуги?”, само 34,8 отсто одговориле потврдно.
Според податоците вкупните просечни годишни приходи од плати од вработеност по домаќинство во 2013-та година изнесувале 2.887 евра или 240 евра месечно. Од друга страна 1.037 евра просечно изнесува вкупиот годишен расположлив приход на едно домаќинство од пензии. По категории во т.н петти квинтил во кој припаѓаат лицата со највисоки приходи, а во првиот т.н квинтил се прикажани лицата со најниски приходи по основ на плати од вработеност, самовработеност, пензии, имот, социјални трансфери. Ако се направи споредеба во однос вкупните расположливи приходи од плати од вработеност кај лицата од петтиот т.н квинтил годишно тие приходи изнесуваат 6.520 или 543 евра месечно. Кај лицата од првиот т.н квинтил годишниот приход од плати од вработеност изнесува 407 евра или 33 евра месечно. Ваквите податоци според социолозите укажуваат на големата социјална разлика помеѓу македонските домаќинства.
Многудетните семејства и натаму најсиромашни
Анкетата покажува дека стапката на сиромаштија во 2013 година изнесува 24,2 отсто и во споредба со 2012-та година е намалена за 2 процента, но и натаму една третнина од македонците живеат на прагот на сиромаштијата. Најдлабока стапка на сиромаштија од 30,9 отсто има кај лицата од 0 до 17 години, и кај лицата од 18 до 64 години која изнесува 23,6 отсто. Процентот на нерамномерна распредлба на приходите помеѓу домаќинствата или т.н Џини индекс во 2013-та година изнесувал 37 отсто и во споредба со 2012-та година е намален за само 1,8 отсто. Стапката на сиромаштија кај вработените изнесува 11,9 отсто и во споредба со претходната 2012-та година е речиси непроменета, но во споредба со 2010 година е зголемена. Додека кај вработените стапката на сиромаштија е не исто ниво, сиромаштијата кај невработените се намалува, пред се како резултат на државните надоместоци. Во 2013 та година стапката на сиромаштија кај невработените изнесувала 43,7%, додека во 2012 та била 46,5%. И натаму невработените се во групата на најсиромашни граѓани.
Стапка на сиромаштија(извор ДЗС)
По категории на домаќинства најсиромашни се домаќинствата со двајца возрасни и две или повеќе деца каде стапката на сиромаштија изнесува речиси 50 отсто и во споредба со 2012-та е намалена за 4 отсто. Речиси 30 отсто од самохраните родители со деца живеаат во сиромаштија. Податоците покажуваат дека стапката на сиромаштија кај домаќибжнствата со две деца изнесува 24,8 отсто , а кај домаќинствата со издржувани деца изнесува 26,5 отсто. Според вашингтонскиот Кејто Институт Македонија е рангирана на 11-тото место по сиромаштија во светот според индексот за 2013 година.
Ј.С
| во проценти | |||||||||
| 2011 | 2012 | 2013 | |||||||
| Вкупно | Мажи | Жени | Вкупно | Мажи | Жени | Вкупно | Мажи | Жени | |
| Total | Male | Female | Total | Male | Female | Total | Male | Female | |
| Вработени | 10,2 | 11,2 | 8,5 | 11,1 | 11,9 | 9,8 | 11,1 | 11,8 | 10,0 |
| Невработени | 48,7 | 57,1 | 37,3 | 46,5 | 52,7 | 37,9 | 43,7 | 51,3 | 34,2 |
| Пензионери | 13,0 | 17,5 | 6,4 | 14,1 | 19,4 | 5,0 | 10,9 | 15,1 | 3,2 |
| Други неактивни лица | 34,8 | 26,8 | 36,6 | 33,0 | 26,6 | 34,3 | 29,2 | 25,8 | 29,8 |
Слично
