ДАЛИ НИНА АНГЕЛОВСКА СИ ГО ВРАЌА „ГРУПЕР“, ИЛИ МУ СЕ ВРАЌА НА „ГРУПЕР“ - српската Ананас каде што отиде да работи ексминистерката е нов сопственик на Вебспот
Си го враќа ли некогашната „Групер дама“ Нина Ангеловска брендот што го создаде, а потоа го продаде, или, пак, прашањето би можело да гласи, му се враќа ли Ангеловска несакајќи на својот „Групер“?
Веста што ја објавуваме би можела да се парафразира на следниов начин. Имено, компанијата во која отиде да работи Нина Ангеловска на менаџерска позиција, српската Ананас, сопственост на Делта на Мишковиќ, сега всушност го купува Групер од полската компанија Пејтон, која, пак, претходно го имаше купено Групер од Нина Ангеловска.
Сите овие промени се внесени во Централниот регистар.
Имено, од Централниот регистер може да се види дека настапиле промени кај компанијата Вебспот ДООЕЛ увоз извоз, која всушност го поседува брендот Групер. Кај таа компанија имаат настапено промени и во сопствеништвото, односно се сменети основачите, и кај подружницата, и кај овластеното лице, односно органот на управување.
Да одиме со ред.
Како нов сопственик на Вебспот во Централниот регистар се впишува компанијата Ананас Е-комерц од Нов Белград, Србија, додека, пак, од основач се брише Пејтон ДООЕЛ Скопје, која е всушност фирма на полската компанија што го купи Групер. Што значи дека Ананас влегува, а Пејтон излегува од сопствеништвото на познатата македонска компанија за онлајн трговија.
За нов управител на Вебспот е именувана Невена Радовановиќ од Белград. Таа ќе биде генерален директор и ќе има неограничени овластувања во внатрешниот и надворешниот промет.
Додека, пак, од позициите на управители се бришат имињата на Славчо Ангеловски и Елена Додевска. Славчо Ангеловски бил управител – дипломиран електроинженер, додека, пак, Елена Додевска била управител – дипломиран економист. Двајцата овие управители досега, за зделки во кои влегувало друштвото во вредност од над 100.000 евра, можеле да настапуваат само заеднички, односно едниот не можел да потпише таква зделка без писмена согласност од другиот.
Имињата на Ангеловски и Додевска се избришани и од позициите раководители на Подружницата Туристичка агенција Вебспот Скопје.
Значи, постојат промени - истапување и пристапување на основач, разрешување и именување на управител, како и промена на раководител на подружница.
Како што веќе пишуваше Фактор, Нина Ангеловска, поранешка министерка за финансии на земјава, која на овдешната јавност и беше позната по тоа што беше сопственичка на компанијата за онлајн трговија Групер, зазема нова висока позиција во друга компанија за онлајн трговија, со српски капитал. Имемно, екс министерката на својот профил на бизнис мрежата Linkedin објави дека е пред нов возбудлив предизвик, односно дека е среќна што се приклучува на Ananas e-commerce, како менаџер за интернационален бизнис развој.
Како што е познато, Ananas e-commerce, е во сопственост на компанијата „Делта“ на српскиот бизнисмен Мирослав Мишковиќ, а е основана во 2020 година во Белград.
Нина Ангеловска го наследи Драган Тевдовски на министерското столче во еден од најтешките ресори, Финансии, во септември 2019 година, каде што имаше тежок предизвик да се справува со предизвиците на државната каса, а потоа и со проблемите кои ги донесе ковид кризата. Антикорупциската комисија го проблематизираше нејзиното повлекување на влогот од Еуростандард банка пред банката да пропадне, и пред Ангеловска да си замине од министерската позиција, но Обвинителството таму не најде кривично дело.
Н.Н.Ф.
