Дали некој го “гуши” протестот за чист воздух ?!
Мерките за намалување на енормното загадување на амбиенталниот воздух објавени од страна на министерот за животна средина Нурхан Изаири не се ништо ново бидејќи тие се презентирани во слична форма уште во ноември и се објавени на интернет страницата на ресорното министерство -велат дел од еколошките организации. Симптоматично е според нив што истите се потенцираат на само два дена пред најавениот протест за почист воздух пред Владата . Очекуваат надлежните не само на хартија, туку и во пракса да се позанимаваат со овој проблем за кој се потребни системски решенија.
“Особено не радува фактот што Министерството за животна средина започна посериозно да се бави со проблемот на загадување на воздухот. За жал надминување на законските граничните вредности за ПМ10 честиците има речиси секој ден во декември. Спроведување на предлог мерките објавени во ноември, а презентирани во построга форма денес, НЕМА!Нема потреба од усвојување, пишување и дебатирање. Потребно е спроведување на истите! Дополнително, уште повеќе треба да се обрне внимание на системските мерки и долгорочно решавање на проблемот” -вели Александра Бујароска од здружението Фронт 21/42, кое е едно од организаторите на протестниот собир в понеделник.
Оттаму велат дека е потребен итен мораториум на сечата на урбаното зеленило, нешто со што се соочува секој поголем град во Македонија. Особено критично според нив е во централното градско подрачје. Сообрајќајот, урбанизмот, градежништвото и индустријата остануваат високо на листата на загадувачи за кои се потребни системски решенија.
“Да се изработи план за режим на сообраќај кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи подолго и тоа трае подолго од 24 часа. Планот треба да подразбира координација помеѓу надлежната општина (Град Скопје, Битола, Тетово и други градови) и МВР за негово соодветно спроведување. Во овој план, задолжително треба да биде вклучена мерка за намалување на цената на јавниот сообраќај во деновите со алармантно зголемени концентрации на загадувачки материи.Планот да вклучува забрана за движење на возила со понизок стандард од ЕУРО 4, како и возила на дизел.Во поширокото централно градско подрачје да не се движат патнички возила, а сообраќајот да се одвива само преку движење на јавниот превоз (автобуси и велосипеди) додека трае алармантната состојба. Да има засилена и зачестена инспекција на индустриските капацитети кои подлежат на А или Б интегрирана дозвола”-додава Бујароска од Фронт 21/42.
Министерството за животна средина и просторно планирање според еколошките здруженија треба да ја забрани работата на индустриските капацитети кои не поседуваат А/Б интегрирана дозвола. Капацитетите како што велат, требаше да ја усогласат својата работа со најдобрите технологии до април 2014 година, но во пракса работите се движат многу бавно.
“Потребно е итно донесување национална определба за елиминирање на фосилните горива до 2050 година. Децентрализираното производство на електрична енергија треба да биде приоретизирано. Истовремено, неопходно е да се стимулира вградувањето на топлински пумпи во домаќинствата кои сега се греат на струја или дрва за да се намали потребата од производство на електрична енергија и потребата од снабдување на дрва. Државата треба да се насочи кон елиминирање на фосилните годива на долг рок (до 2050 година, во согласност со заложбите на Европската унија за напуштање на фосилните годива) и сите национални стратегии да ги насочува во тој правец” - објаснува Бујароска.
Активистите за здрава животна средина бараат итно воспоставување на Фонд за енергетска ефикасност кој ќе биде примарно достапен за граѓаните и за имплементација на мерките. Процесот на воспоставување велат треба да е спроведен во консултации со јавноста, а мерките за енергетска ефикасност кои се приоритетни и во приватниот, но и во јавниот сектор директно да ја намалат стапката на енергетска сиромаштија и потребата од дополнително производство и увоз на електрична енергија.
Како PM10 влијаат врз здравјето?
вклучуваат честички кои се доволно мали за да навлезат во торакалниот дел на респираторниот систем. Здравствените ефекти од вдишaните суспендирани честички (PM 10) се резултат на кратокорочна (часови и денови) и долгорочна (месеци, години) изложеност и вклучуваат кардиоваскуларни и респираторни болести, како и рак на белите дробови. Чувствителни групи со претходно постоечки белодробони или срцеви заболувања, како и стари лица и деца, се особено ранливи. На пример, изложеност на суспендирани честички (PM 10) влијае на развојот на белите дробови кај децата, вклучувајќи и реверзибилен дефицит во функцијата на белите дробови како и хронично намалена стапка на раст и дефицит во долгорочната функција на белите дробови.
С.Б.
Слично
