Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали најлошото допрва доаѓа на пазарот на енергенси: Часовникот отчукува, наредните две недели се клучни – можни 3 сценарија

Дали најлошото допрва доаѓа на пазарот на енергенси: Часовникот отчукува, наредните две недели се клучни – можни 3 сценарија

Глобалниот енергетски пазар влегува во една од најнеизвесните фази во последните години. Со цените на нафтата кои достигнуваат нивоа невидени подолго време, нарушени синџири на снабдување и практично затворен Ормуски теснец – клучна рута низ која минува голем дел од светската нафта – расте стравот дека најлошото допрва може да следува.

Во такви услови, и водечките луѓе од бизнис секторот почнуваат да разгледуваат сценарија кои до неодамна изгледаа екстремни. Извршниот директор на „Јунајтед ерлајнс“, Скот Кирби, изјави дека компанијата веќе ја разгледува можноста цената на нафтата да достигне 175 долари по барел, како и да остане над 100 долари до 2027 година.

– Ова можеби не е сигурен исход, но има доволно причини да се земе предвид како реална опција – посочи тој.

Тековната геополитичка состојба дополнително ја зголемува неизвесноста. Конфликтот меѓу САД и Иран, заедно со неизвесните рокови за негово завршување, ги потресува финансиските пазари. Берзите бележат падови, вклучително и технолошкиот индекс Nasdaq, додека дури и „сигурните“ инвестиции како златото покажуваат нестабилност.

Во меѓувреме, ситуацијата на терен се заострува, со засилено присуство на американската војска во регионот и сè поостра реторика.

Наредните две недели клучни

Експертите предупредуваат дека следните две недели ќе бидат пресудни за развојот на кризата. Според нив, овој период ќе покаже дали состојбата ќе се стабилизира или ќе прерасне во сериозен глобален економски проблем.

Енергетскиот сектор веќе разработува три можни сценарија:
– брзо отворање на Ормускиот теснец до крајот на март
– продолжена криза до средината на годината
– долготрајна блокада што би траела до крајот на годината

Во моментов, аналитичарите признаваат дека е тешко да се предвиди кој од овие исходи е најверојатен.

Можни последици за целата економија

Последиците од кризата не би биле ограничени само на енергетскиот сектор. Намалувањето на побарувачката може да се прелее и во другите индустрии, вклучително и технологијата.

Аналитичарите предупредуваат дека доколку кризата продолжи и по април, цената на нафтата може значително да ја надмине границата од 100 долари, а некои економии, особено во Азија, би можеле да се соочат со ограничувања во производството.

Проценките укажуваат на можен недостиг од 10 до 12 милиони барели нафта дневно – количина која, според експертите, е речиси невозможно да се надомести.

Дополнителен проблем е што околу 20 милиони барели дневно нормално поминуваат низ Ормускиот теснец, а постојната инфраструктура не може да ја замени таа рута.

Долгорочни ефекти и неизвесност

Дури и ако кризата наскоро се реши, последиците ќе се чувствуваат со години. Оштетената инфраструктура и геополитичките ризици ќе продолжат да влијаат врз цената на нафтата.

Аналитичарите предупредуваат дека враќање на цените на 60 или 70 долари по барел станува сè помалку веројатно, додека евентуално проширување на конфликтот може дополнително да ги зголеми цените.

На крајот, сè се сведува на времето – наредните две недели може да го одредат правецот на глобалната економија. Доколку не се најде брзо решение, светот би можел да се соочи со нова енергетска криза со сериозни последици врз инфлацијата, производството и секојдневниот живот.

Курир.рс

Слично

Поврзани вести