Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали на мајското акционерско собрание Давитковски ќе го изгубат „Скопски пазар“?

Дали на мајското акционерско собрание Давитковски ќе го изгубат „Скопски пазар“?

„Фактор“ дознава дека неколкумина мали, но важни, акционери веќе му откажале поддршка на семејството Давитковски и ќе му дадат шанса за „Современ дом“ да го води „Скопски пазар“. Ако биде така, по подолго од триесет години владеење, ќе престане да се слуша зборот на семејството Давитковски во „Скопски пазар“

Неколкумина мали, но значајни акционери, ќе му ја откажат поддршката на семејството Давитковски на претстојното акционерско собрание на „Скопски пазар“, дознава неофицијално „Фактор“ од доброупатени извори во една од најголемите македонски трговски компании.

Според нив, за претстојното собрание закажано за во почетокот на мај,  неколкумина акционери домашни физички лица му најавиле на управниот одбор дека нема да ги поддржуваат нивните политики во иднина. Заради тоа што утврдиле дека она за што гласале досега не ја води компанијата во просперитет, велат нашите извори. Од тие причини тие одлучиле повеќе да не го поддржуваат актуелниот менаџмент на компанија. Во актуелниот менаџмент на „Скопски пазар“ учествуваат двајцата браќа Давитковски, Сашо и Тошо, кои заедно со нивната мајка Тодорка беа главни одлучувачки гласови на досегашните акционерски собранија на „Скопски пазар“.

Како што дознаваме, неофицијално, ове мали акционери – физички лица на претстојното собрание нивната поддршка ќе ја дадат на актуелниот најголем поединечен акционер „Современ дом“ од Прилеп кој поседува речиси 25 отсто од акциите со право на глас во скопската трговска компанија. До сега во изминативе две години “Современ дом“ во континуитет купуваше акции со право на глас во „Скопски пазар“ преку трансакции на Македонската берза и вложуваше свој капитал во акции на таа компанија. За период од нешто повеќе од две години „Современ дом“ Прилеп стана најголем поединечен акционер во таа компанија, но досега не одлучи да даде јавна понуда за превземање на сите слободни акции, согласно со Законот за првземање на компании чии акции се котирани на официјаниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност.

Во актуелната акционерска книга на Централниот депозитар за хартии од вредност „Современ дом“ Прилеп е најголем поединечен акционер со 24,8 отсто од акциите со право на глас, пред Тодорка Давитковска со 11,36 отсто и нејзиниот син Сашо Давитковски со 10,64 отсто од акциите. Заедно со нивниот син и брат Тошо Давитковски тие имаат нешто помалку од 25 отсто од акциите. И тие досега не го искористиле правото да ја превземат компанијата преку објава на намера за превземање согласно со Законот за превземање компании.

Токму заради оваа изедначеност на силите на големите акционери, клучно и пресудно ќе биде влијанието на неколкумината мали и активни акционери кои досега го поддржуваа семејството Давитковски. Останува да видиме дали овие најави ќе се реализираат во почетокот на мај и дали по неколку десетлетија владеење на Давитковски, во „Скопски пазар“ ќе дојде до значајна промена со сопственичките односи.

Како што и досега пишувавме односите помеѓу големите акционери се многу изострени и постои јавна конфорнтација која е преточена и во мерки и активности за кривично гонење на актуелниот менаџмент како  и членови на надзорниот одбор. Факт е и тоа дека „Скопски пазар“ континуирано со години наназад ги губи своите пазарни позиции во однос на својата конкуренција. 

Повеќе за „Скопски пазар“ на следниве линкови:

http://faktor.mk/akcioneri-baraat-krivichno-da-se-gonat-chlenovite-na-upraven-i-nadzoren-odbor-na-skopski-pazar

http://faktor.mk/shto-utvrdi-vonrednata-revizija-na-dilojt-vo-skopski-pazar

„Скопски пазар“ изгуби една милијарда денари приходи од продажба под управата на браќата Давитковски


Слично

Поврзани вести