Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали македонските стартапи имаат шанса во метаверзумот?

Дали македонските стартапи имаат шанса во метаверзумот?

Метаверзумот се очекува да вреди стотици милијарди долари, а дел од колачот може да освојат талентираните софтверски девелопери вклучувајќи ги и македонските стартапи. Оваа нова интернет технологија е во рани почетоци и најверојатно ќе бидат потребни повеќе години за усовршување и масовна достапност, но како и со другите технолошки трендови (.com ерата, блокчејн, криптовалути) тие што први ќе успеат да лансираат производ или услуга ќе имаат високи шанси за успех.

Благица Ефтимова еко-систем фасцилитатор во Швајцарската програма за претприемништво и програмски координатор во Стартап Македонија смета дека метаверзумот е дефинитивно нов начин на живеење во дигиталниот и виртуелен свет и е иднината за тоа како луѓето ќе го користат интернетот.

Засега постои заинтересираност на македонските стартапи за освојување на метаверзумот, но прашање е колку оваа нова технологија е отворена за иновативни идеи кои нема да бидат дел од понудата на гиганти како Мета, Епл и Мајкрософт, кои вложуваат десетици милијарди во метаверзумот.

„Македонските девелопери се доста присутни во гејминг индустријата, а се надевам дека ќе се вклучат и во гемификацијата на брендовите, во процесот на дизајнирање на виртуелни недвижности и собирањето на податоци за да бидат креирани соодветни симулации во метаверзумот. Очекувам бум на стартапи кои ќе создаваат алатки, услуги и градежни блокови за метаверзумот, како што се дизајн на аватари, виртуелни позадини, техничка опрема. Според мене најдобра е стратегијата pick-and-shovel play - кога сите копаат злато, најдобро е да имаш бизнис со лопати“, истакнува Ефтимова.


Виртуелни искуства и брза адаптација

Стартапите со помош на метаверзумот можат да допрат до поширока публика, а со тоа и да генерираат нови текови на приходи. Можностите кои се отвораат се нови и засега неискористени. Оваа технологија ќе биде револуција која неминовно ќе ги опфати сите индустрии, во моментов но е новина што претставува предност за стартапите кои за многу кратко време можат да понудат креативни и иновативни решенија.

„Иако македонските стартапи моментално ги употребуваат тековните технологии, љубопитно ги следат иновациите што им овозможува многу брзо да се трансформираат и прилагодат со цел да ја искористат моќта на аугментираната и виртуелната реалност. Виртуелните бизнис искуства претставени на креативен начин ќе станат главен инструмент за тоа како компаниите се поврзуваат со своите клиенти, но и со своите вработени“, смета Ефтимова.

Македонските девелопери од „бумот“ во метаверзумот?

За дополнителен „бум“ во хардверот со очила за виртуелна и засилена реалност, како и софтверските алатки ќе бидат потребни повеќе години. Изградбата на метаверзумот покрај услугите на хај-тек компаниите ќе овозможи простор и за локални, специјализирани услуги и сервиси кои мора да се искористат. Шанса за заработка се очекува да имаат и самите корисници преку креирање и тргување со НФТ токени.

„Дефинитивно метаверзумот е во рана фаза, прототип верзија, исто како интернетот во средината на 1990-те и никој не е експерт. Создавањето на поудобни и полесно достапни уреди со виртуелна реалност (VR) е еден од предизвиците што ги поставува овој виртуелен универзум, како и собирање на податоци поврзани со емоции и нивна анализа. Ова обезбедува многу можности за стартапите и бизнисите од сите големини доколку ги прошират своите хоризонти и се прилагодат за да се фокусираат на потхранување на овие можности“, потенцира Ефтимова.

Како до монетизација и заработка?

Главен мотив за влез на стартапите, но и конвенционалните бизнис во виртуелната реалност ќе биде можната заработка. Истото ќе важи и за самите корисници за кои Фејсбук најавува дека ќе може да заработуваат од нивните НФТ токени и дигитални аватари, содржини и итн. Податоците на корисниците сигурно ќе бидат главна тема за заштита на приватноста и намалување на „инвазијата“ на рекламите и понудите.

Рекламирањето ќе биде еден од главните извори на приходи во метаверзумот, покрај засега пионерските можности за заработка и тргување со крипто-средства кои се во најава.

„Со купување на недвижен „имот“ во метаверзумот, вие може да го препродадете за повисока цена, може да го изнајмувате, да поставите банер реклама за вашиот бизнис или некоја трета компанија, да ги промовирате вашите социјални мрежи. Поради ниски трошоци за стекнување на клиенти, засега, рекламирањето е најочигледен начин за генерирање на профит во реално време и експанзија, но не и единствен“, смета Ефтимова.

Гејминг, фитнес, работа, социјално поврзување, забава, едукација и трговија засега се главните области во кои ќе се насочи развојот на метаверзумот. Успехот на „новиот интернет“ ќе зависи како од технолошките иновации, така и од креативноста а стартапите. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести