Дали Луково Поле ќе ја украде Радика?
Има ли некој право да украде цела една река, која живот значи за 35 илјади жители? Има ли некој право туку така да уништи Национален парк? - со овие прашања протестираа жителите на дебарскиот крај против енергетските проекти Луково Поле и Бошков Мост за кои стравуваат дека ќе го сменат текот на реката Радика.
„Ако се одземе Радика, се одзема животот на сите граѓани. Затоа е овој протест“, вели незадоволен граѓанин од Дебар.
На изградбата на двете хидроцентрали во Националниот парк Маврово реагираат и екологистите, според кои проектот може да загрози 150 ендемски видови. Во изминатиот период дел од еколошките здруженија најавија дека ќе покренат и петиција за да се спречи проектот.
Владата неколкупати направи обид да ги смири загрижените граѓани со ветување дека изградбата на хидроцентралите нема да започне додека не се проверат ефектите врз животната средина. Еколошката студија треба да биде завршена до јуни.
Против изградбата на двете хидроцентрали во близина на границата протестираше и соседна Албанија, која бара да биде консултирана пред да започне проектот.
ФОТО: Нова
Слично
