Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали ќе успее МЖ Транспорт да испорача повеќе за македонските компании

Дали ќе успее МЖ Транспорт да испорача повеќе за македонските компании

И покрај потребата од санацијата на мостот кај армирано-бетонски мост на пругата Велес – Гевгелија во близина на локалитет Стоби и прекинот на транспортот, компаниите очекуваат Македонски железници Транспорт да ги исполни договорените обврски кон своите клиенти во преносот на суровини, пред се кон Макстил, Митал Стил и Макпетрол.

Од таму велат дека тоа се должи на зголемената побарувачка од странските деловни партнери и заживувањето на економијата и потрошувачката. Во 2018 гпдина, се очекува МЖ Транспорт да има зголемување на превозот на суровини во висина пд 5 отсто. Имено, најголем дел од превозот во металургијата ги врши железницата.

Според договорите што ги имаат склучено македонските компании со ова претпријатие, увозот за Макстил ќе порасне од 230.000 тони во 2017 на 300.000 во 2018-та година, за Митал Стил од 155.000 на 192.000, а за Макпетрол од 110.000 на 120.000. Други помали учесници се уште ФЗЦ Куманово од 27 илјади лани на 50 илјади тони оваа година, ИГМ Кавадарци од 45 илјади на 47,5 илјади, Аграголд од 20 на 22 илјади. Кај сите нив има зголемување на потребите во однос на лани, освен кај Варимпекс од 8.600 на 5.000 тони. Со нов договор е Квасара Битола, која лани немала соработка со МЖ Транспорт а оваа година побарала превоз на 10.000 тони. Фени Индустри и Цементара Усје лани превезувале стока преку железнички сообраќај, но за оваа година не склучиле договори за таква услуга. Во превозот доминираат железото, лимот, дериватите, шеќерот.и квасецот.

- Железницата ќе ја запази својата динамика и покрај прекинот на мостот. Тој треба да се санира за еден месец, односно веќе тоа е започнато и работата треба да заврши за три недели. Зголемената побарувачка оваа година за нашите производи ќе си го направи своето и Македонски железници ќе си го исполнат својот дел од договорот. Може и да има надминување од предвиденото снабдување, па во тој случај, според годишниот договор, следуваат бонуси, односно попусти што се доделуваат од страна на ова претпријатие. Колку и да постојат препреки, самата побарувачка и заживувањето на економијата и потрошувачката ќе ја надополнат таа штета. Единствено прекинот може само да предизвика недоверба кај нашите партнери кои очекуваат порачки од нас и поради тоа што нередовно им ги доставуваме тие може да побараат други производители за нивните потреби - вели Митко Кочовски, директор за стратешко планирање, финансиски инженеринг, економски истражувања, информации и анализи во Макстил

Од МЖ Транспорт велат дека резултатите ќе бидат сумирани на крајот од годината и може да бидат со мали осцилации во однос на проекцијата од 5 отсто зголемен превоз на материјали за македонските капацитети.

- Треба да се согледа и блиското опкружување на нашата држава. Посебен проблем ни создаваат политичката и економската состојба вп Грција и Грчките железници. Честите штрајкови на Грчките железници и затворање на границата знаат да нанесат огромни загуби. Ограничувањето на бројот на возови на ден од страна на грчките железници и штрајковите директно влијаат на корисниците на нашите услуги кои се доведени во состојба да бараат алтернативни патишта за превоз при што директно се влијае на транзитот и меѓународнипт превоз. Реална оцена за движењет на обемот на работа во наредниот период е потешко да се предвиди - велат од Македонски железници Транспорт.

Железницата кон Грција е една од најкористените, бидејќи овозможува директна поврзаност со Солунското пристаниште, кое, пак, е од огромно значење за домашната економија.

Александар Кузмановски


Слично

Поврзани вести