Дали ќе се затворат „ѓуленистичките“ организации во Македонија?
Македонската Влада ја поддржува демократски избраната власт во Анкара и има донесено одлуки согласно нашето законодавство, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски за тоа дали е донесена одлука за затворање на организации во Македонија за кои Турција се сомнева дека се поврзани со имамот Фетулах Ѓулен.
„Во поглед на прашањето за одлуки на Владата, да, Владата има донесено одлуки, сите одлуки кои би ги носеле и ќе ги носиме се во согласност со нашето законодавство, нашите национални интереси и тоа било и ќе биде“ - вели Попоски.
Во дел од медиумите се појави информација дека Владата на последната седница усвоила мерки за ограничување на активностите на Фетулах Ѓулен и неговите приврзаници во земјава. Се споменуваше и училиштето Јахја Кемал, како едно од институциите за кои е донесена одлука за затворање. Од училиштето ја негираат ваквата информација и велат дека функционираат во согласност со законските прописи.
Во јули турската влада побара од неколку балкански земји да ги затворат училиштата за кои се сомневаат дека се поврзани со движењето на Ѓулен. Албанија и Косово веќе го одбија таквото барање.
Турската агенција Анадолија објави црна листа на фирми во Македонија кои се сметаат за блиски до Ѓулен. На оваа листа се училишта, фирми за транспорт, трговија, здравство и туризам.
