ДАЛИ ЌЕ ПУКНЕ ПЕНЗИСКИОТ БАЛОН: Расте дупката во фондот за ПИОМ!
Се зголемува бројот на пензионери, но и буџетската дупка на Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување.Според податоците од ПИОМ, во ноември годинава имало 297.945 пензионери, а во јануари 292.502, или за 11 месеци бројот на корисници на старосна пезнија е зголемен за 5.443 нови пензионери. Од друга страна податоците покажуваат дека од 2008 година дефицитот на ПИОМ расте со забрзано темпо. Според анализата на Институтот за економски истражувања “Finance think”, во 2008 година буџетската дупка на ПИОМ била околу 160 милиони евра, додека лани дефицитот е зголемен околу 372 милиони евра.
Ваквата состојба отвора серија прашања и делими, колку фондот со вакво темпо е одржлив, кој ќе го плаќа дефицитот , дали во иднина ќе има пензии и за следните генерации?
-Дефицитот во Пензискиот фонд континуриано расте во изминатите години, со забрзан интензитет од 2008 година. Делумн о овој раст се должи на исплатите кон вториот столб. На 80 проценти од дефицитот во пензискиот фонд се покрива преку средства од Буџетот на РМ.Истовремено бројот на осигуреници во однос на бројот на пензионери не се зголемува . Во 2014-та година за секој еден пензионер работеле 1,8 осигуреници.а во најава се и мерки за откуп на стаж,со што бројот на пензионери ќе расте, а соодносот осигуреник/пензионер ќе се намалува.На среден рок веројатно ќе бидат потребни структурни промени за пензискиот фонд да биде одржлив. Ние и идните генерации треба сериозно да размислуваме колкава ќе биде нашата пензијата и кога ќе се пензионираме. Приходите во фондот за пензиско и инвалидско осигурување се главно се главно по две основи,редовните извори од придонеси за плата и Буџетот на РМ. Редовните придонеси за плата ги плаќаат лицата кои се во тековен работен однос, а приходите во Буџетот повторно ги плаќаат тековните генерации.Покрај тековните генерации, буџетскиот дефицит ќе го плаќаат и идните генерации, вели Благица Петрески, извршен директор на Институтот за економски истражувања “Finance think”.
Според аналитичарот Слободан Најдовски, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување веќе не е одржлив, а причината се владините политики што се превземаат во оваа област. Укажува дека се потребни итни реформи, во спротивно пензиите ќе мора да се намали висината на пензиите или да се зголеми старосната граница за пензионирање.
-Пензискиот фонд е веќе неодржлив. Ако се знае дека пензиската каса со 43 % се надополнува од државниот буџет и ако се земе во предвид бројот на вработени во админстрацијата тогаш реалниот сектор не го полни ни половина од пензискиот буџет. Од овие податоци произлегува заклучок дека повеќе од јасно е дека пензискиот фонд е неодржлив. Реформите треба да произлезат од анализите на постоечката состојба во правец на намалување на ослободувањата од плаќање на придонеси, зголемени приходи како резултат на растот на економијата. Доколку тоа не се случи тогаш ќе има намалување на пензиите, или зголемување на стапката на придонеси или пак зголемување на старосната граница за одење во пензија. Мој заклучок е дека погрешната политика во областа на пензиите во последните десетина години доведе до ваква ситуација. Тука пред се е ослободувањето од придонеси на странските инвеститори, потоа предвремено пензонирање на одредени работници од државниот апарат и јавни претпријатија за да се ослободи простор за партиските војници доведоа до влошување на состојбите во фондот, вели Најдовски.
Дали исплатата на пензиите е врзана со задолжувањата на државата?
СДСМ преку дополнителниот заменик-министер за финансии Кире Наумов, се обиде да стави вето на одржувањето на последната аукција со образложение дека ако врзаниот потпис важише за намалување на еврообврзницата,тогаш треба да важи и за задолжувањето на домашниот пазар, особено што сумата за задолжување според СДСМ е над реалните потреби. Тогаш министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека доколку аукцијата не се одржи најавената аукција ќе се доведе во прашање исплатата на платите, пензиите, субвенциите и социјалните трансфери, поради што се создаде паника кај граѓаните. Ваквата изјава го отвори прашњаето дали исплатата на пензиите е врзана со аукциите, односно дали секоја исплата значи и ново задолжување?
-Со вака поставена сруктура на расходната страна на државниот буџет и одредување на приоритети во кои што предност имаат нерационалните и ненаменски трошења исплатата на пензиите е директно врзана од задолжувањето на државата односно од аукциите кои ги спроведува Министеството за финансии, вели Најдовски.
Неодамна дел од претседателот на МАНУ Таки Фити, изјави дека задолжувањата за исплаќање на тековни трошоци се лоши, укажувајќи дека токму во таква состојба е доведен сега Буџетот.
-Некогаш кога мора да исплатите плати и пензии бидејќи нема синхронизиран прилив на сресдтва во Буџетот, во зависност кои јавни давачки кога се исплаќаат, кога се наплаќаат, тоа мора да се премости и кога тоа се премостува преку трезорот или краткорочни задолжувања е една работа, но кога имаме задолжување за исплаќање на тековни трошоци, тоа е многу лошо. Ние најверојатно сме дојдени во таа состојба. Во макроекономската наука јасно се потенцира дека е апсурдно да одите на задолжувања особено странски задолжувања за да ги покриете тековните трошоци во Буџетот, изјави Фити.
Расте зависноста на ПИОМ од Буџетот
Во септември годинава пензионерите добија зголемени пензии за 621 денар. Зголемување на пензиите од пет проценти е предвидено и во Буџетот за следната година. Од годинешниот Буџет, Владатa на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ќе префрли вкупно 387,6 милиони евра за исплата на пензии. Ова сума следната година ќе биде зголемена на 423,7 милиони евра, во кои е пресметано и новото зголемување на пензиите и во октомври следната година.Анализите покажуваат дека транферите од Буџетот годинава достигнаа 43% од вкупниот буџет на ПИОМ, со што расте зависноста на овој фонд од парите во државната каса. И поидатоците покажуваат дека од година во година буџетските трансфери растата.Лани трансферите од Буџетот биле во висина од 42,2 проценти од вкупниот буџет на ПИОМ, или од државната каса се дотирани 368,7 милиони евра, а од придонеси се собирале 456,3 милиони евра. Во 2013 година, од Буџетот се дотирале 41,2 проценти од износот на Фондот на ПИОМ, а во 2012 година 37,2 проценти. Дел од аналитичарите сметаат дека порастот на пензиите треба да биде поврзан со порастот на трошоците на живот, и зголемувањата на пензиите да не се користат во политичко-партиска кампања.
-Имајќи ја во предвид висината на пензиите во однос на основните трошоци за живот зголемувањето на пензиите е нормално. Но тоа мора законски да е регулирано и да се знае дека е тоа право на пензионерите кое го стекнале со плаќањето на придонеси во својот работен век а не да биде злоупотребено во политичко-партиска кампања и да зависи од ,,добрата“ воља на власта како што тоа го прави актуелната Влада. Растот на пензиите треба да биде врзан со растот на трошоците за живот и реалниот раст на платите, вели Најдовски.
Според Петрески, зголемувањето на пензиите е нерационално и не е во корелација со економскиот раст.
-Пензиите се зголемуваат со повисока стапка на раст од домашната економија. Растот на економијата во тековната и изминатат година е околу 3 %, додека растот на пензиите е 5 %, што го надминува капацитетот на економијата. Ваквиот “неусогласен тренд“, започнал во периодот после 2008 година, кога покрај еднократното зголемување на пензиите.скоро сите редовни усогласувања на пензиите се поголеми од растот на економијата. До 2008 година,економијата во просек растела за 31, %, а пензиите за 2,9 проценти, додека после 2008 година, економијата растела во просек 2,4 проценти додека пензиите повеќе од двојно,6,5 %.Дополнително во услови на ниска стапка на инфлација, скоро нула, не постојат притисоци за намалување на животниот стандард како резултат на зголемени трошоци на живот. Оттука, зголемувањето на пензиите е поголемо и од потребата за усогласување со трошоците на живот. Често зголемувањата на пензиите се оправдуваат со изреката дека “новите генерации живеат од пензионерите, пензионерите се тие што го одржуваат стандардот “, но кој ги плаќа издатоците за пензии? Тековните и идните генерации ги плаќаат зголемувањата на пензиите, вели Петрески.
Од друга страна според Владата предвиденото зголемување од 5% за наредната година ќе го подобри стандардот на пензионерите и ќе ја подобри нивната социјална и материјална сигурност.
Р.Ф
Слично
