Дали и македонските граѓани купуваат имоти во Турција откако лирата драстично падна?
Од македонските агенции за недвижности велат дека падот на лирата, и големиот интерес на странците за купување на имоти во Турција, ќе мотивира и дел од македонското население својот капитал да го вложи во купување на куќа или стан во оваа земја.
Од агенција од Струга велат дека од летово е тренд печалбарите од западна Македонија да купуваат имоти во Турција, и тоа го прават директно таму.
„Имаме таква информација. Луѓето кои се на печалба купуваат имоти на две - три локации во Турција меѓу кои е и Анталија. Знаеме дека Турција е топ дестинација во светот. Купуваат имоти во вредност до 100.000 евра“, додаваат од агенцијата.
Поседувањето на имоти во странство, нуди и други поволности во смисла за добивање на државјанство. Повеќето агенции не се запознаени со процедурата за купување на имот во Турција, но велат дека поимотните граѓани можат да заминат во оваа држава и без посредништво да си купат имот. Додаваат дека многу од граѓаните од турска националност кои живеат во западна Македонија, и имаат роднински врски во Турција, веќе поседуваат имоти во Истанбул или во помалите места.
„Да бидеме искрени, цените ги привлекуваат купувачите. Лирата сега многу падна, но ќе дојде ден кога ќе се врати во нормала. Граѓаните кои поседуваат капитал, без разлика дали се работи за Турци, Албанци, Македонци, можат да купат имот, да инвестираат, а знаеме дека Турција е убава и атрактивна дестинација, која привлекува туристи и кога и да посакаат можат да го продадат тој имот. Едноставно ако вложат во имот во Турција, тоа нема да биде заробен капитал“, коментираат од агенциите за недвижен имот во западна Македонија.
Според податоците на Турскиот институт за статистика, во ноември годинава најголем интерес имало за купување на имоти во Истанбул, Анкара и Измир. Во Турција, продажбата на куќи се зголеми за 59 отсто во ноември во однос на истиот месец од претходната година. Најчести купували биле Иранците, Ирачаните, Русите, потоа следат Германците, Казахстанците, Авганистанците, Азербејџанците, жителите на Кувајт, Палестина, Украина, Јордан, Британија, САД, Либан, Јемен, Кина, Египет, Шведска, Пакистан и Алжир. Турција се соочува со инфлација, и дојде во ситуација еден долар да вреди повеќе од 17 турски лири. Турската валута оваа година изгуби 55 отсто од вредноста.
Сања Атанасовскаfoto Wikipedia
