Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали говорот на Рубио во Минхен ја врати довербата во партнерството на Европа со САД?

Дали говорот на Рубио во Минхен ја врати довербата во партнерството на Европа со САД?

Помина една година од шокантниот говор на американскиот потпретседател Џеј-ди Венс од Минхенската безбедносна конференција кога и влепи дипломатски шамар на Европа.

Целта беше да ја разбуди Европа од долгогодишната удобна позиција додека го губи сопствениот културен и западен идентитет и дека конечно ќе мора да преземе повеќе одговорност во одбраната и безбедноста како и справувањето со перципираните ривали како Кина. 

Сега на сцената настапи државниот секретар на САД Марко Рубио кој имаше многу поблаг и подипломатски говор, но прашање е дали воопшто довербата кон американските партнери се уште постои во европските престолнини.

Европа не може без САД, ниту американската моќ може да ужива во позицијата број еден во светот без сигурен партнер преку барата, но ова партнерство е дефинитивно разнишано. Не толку од реалноста на барањата и аргументите на новата генерација американски политичари, туку од брутално директниот и до некаде императивен метод на испорака до своите партнери. 

Рубио се шегуваше, се смееше и потсети на заедничката историја

Како што доликува на прв дипломат на САД, Рубио одржа многу поблаг говор отколку на американскиот потпретседател, постојано беше позитивен и се шегуваше, и ги истакна заедничките точки од историјата на Америка и Европа кои потсетуваат на потребата зошто беше создаден овој сојуз, но и порача дека европските партнери мора да одговорат на промените, особено во „заштитата на западните вредности“ и „спречување на кризата со мигрантите“. 

Европа се гледа како нападнат и речиси урнат бедем на западната цивилизација која е практично прегазена од мигрантите кои со себе носат сосема различна култура и воопшто не ги прифаќаат европските и западните вредности, односно процесот на мултикултурализам беше целосно промашување, но сега наместо проактивно барање решение на Европа и се забележува дека сака да го задржи статус-квото и дека нема капацитет соодветно да одговори.

Затоа Рубио не говореше за одделување на Европа и САД туку обнова на сојузништвото но, базирано на заедничко споделување на клучните вредности, кои се однесуваат не само на трошоците за одбрана и безбедност туку и на добивање на „културната војна“ и зачувување на западните вредности. 

Има ли Европа избор?

Засега европските лидери позитивно одговорија на говорот на Рубио во Минхен и ги поздравија неговите зборови како уверувачки дека ќе опстои сојузништвото, но прашање е дали навистина се подготвени да ја направат Европа МАГА според визијата на Трамп за иднината на западната цивилизација. 

Европа ќе мора да голтне големи кнедли за да ги задоволи барањата на американскиот суверен, а тоа е да ја врати Русија во западното друштво и делумно да и ги прости гревовите со инвазијата во Украина и останатите провокации, да овозможи дерегулација на дигиталните технологии и вештачката интелигенција, да не го спречува растот на крајнодесните политички партии и движења во „име на демократијата“ и да најде решение за мигрантите кои го менуваат ликот на европските метрополи. 

Во оваа фаза дел од европските аналитичари сметаат дека Европа е принудена да се смешка и да аплаудира отколку отворено да се спротивстави, како жртва на домашно насилство која прво добила шамар, а потоа бакнеж и прегратка убедувана дека сега треба да се чувствува безбедно иако „самата си е виновна“. 

И додека Европа се насмевнува на зборовите на Рубио, политичарите активно работат на наоѓање алтернативи за сопствената безбедност и одбрана и технолошка независност, оставајќи го евроатлантското партнерство „на апарати за кислородна поддршка“, но не и целосно гасејќи го кабелот. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести