Дали функционери на ДУИ се недопирливи за правдата и како се стегнува обрачот околу Абази
Во јавноста постои политички мит дека функционерите на ДУИ се недопирливи, односно дека ниту еден политичар од оваа партија не одговарал пред законот во случаи за висока корупција или организиран криминал. Вистината е дека постојат обвинети и осудени функционери на ДУИ, и тоа во неколку предмети, но и повеќето од нив се од пониските ешалони, па така практично и да нема ниту еден „капиталец“ кој завршил зад решетки.
Враќањето на Артан Груби во Македонија по околу една година бегство, можноста за отворање на нови судски процеси, како и стегањето на обрачот околу Ислам Абази, кого власта го обвинува дека не постапувал соодветно, отвара можност за уривање на митот за недопирливите од ДУИ, иако постојат силни сомнежи дека и тука, како и за повеќето случаи, постои некаков политички договор, што може да ја заобиколи правната држава.
Абази последен симбол на обвинителството на Заев и Ахмети
Ислам Абази во 2022 година беше избран за шеф на ОЈО ГОКК. Тој ја наследи обвинителката за гонење висока корупција и организиран криминал, но по нејзините контроверзии во јавноста ја изгуби како политичката така и поддршката на колегите. За Абази се ширеа слики на кои беше во непосредно друштво на политичари и роднини на највисоките функционери на ДУИ, и беше истакнато неговото родно место, поврзувајќи го со семејството Ахмети.
Како шеф на ОЈО ГООК тој продолжи да работи на предметите кои не беа завршени од некогашното СЈО на Катица Јанева, а во неговиот досегашен мандат беа отворени и нови истраги, особено за предмети за организиран финансиски криминал, а дел од нив стигнаа и до судски пресуди со затворски и парични казни.
Сепак, тоа што најмногу „боде очи“ е неподигнувањето на обвиненија за функционери на ДУИ или роднини на политичари од оваа партија. Големата фама околу набавката на мазут која постоеше сомнежи дека ја оштетила државата за 160 милиони евра ги ослободи од кривичен прогон Асмир Јахоски, сопственик на нафтената компанија Пуцко петрол и син на пратеникот Исмаил Јахоски од редовите на ДУИ, како и на Ардијан Муча поранешниот секторски директор во ЕСМ. Во овој предмет осомничен беше и Ерџан Сулкоски исто така од Кичево и бизнис партнер на Куштрим Смајлај зетот на Али Ахмети.
Ова е уште еден јавен удар врз владеењето на ВМРО-ДПМНЕ кое ветуваше дека откако ќе се смени власта ќе дојде до расчистување на сите сомнежи за корупција, дека ќе следат реформи во правосудството и како што побараа, така и добија разрешување на поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Абази се соочува со засилен притисок, пред се од премиерот Христијан Мицкоски и други видни политичари, особено откако неговото обвинителство не покрена обвинение по повеќе од една година истрага во која беа инволвирани и Ратко Капушевски, поранешен функционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, и Васко Ковачевски поранешен директор на АД ЕСМ од редовите на СДСМ.
Меѓу правото и политичките договори
Без поправање на штетите кои ги предизвика измената на Кривичниот законик со кои се овозможи премолчена амнестија за бројни функционери од претходните владејачки гарнитури, и без сеопфатна реформа на правосудството која нема да остане само на персонални смени на раководните функции, предметите за кои постојат сомнежи дека се злоупотребени стотици милиони државни пари ќе останат ефективно во фиока.
ДУИ успешно пловеше во ерата на „бомбите на Заев“ и постоеше јавен впечаток дека Ахмети е поштеден за полесно да го напушти „бракот од интерес со Груевски“ и потоа во 2017 година да формира влада со СДСМ. Иако беа отворени неколку предмети од тогашното СЈО, пресуди имаше само за функционери на локално ниво и тоа од пониските ешалони, додека за министри, градоначалници и директори на јавни институции немаше никаква постапка.
Сега ДУИ сепак, нема таква употребна политичка вредност, како „осигурувач“ во владините односи. По повеќе од две години од функционирањето на владата предводена од Мицкоски нема никакви изгледи дека партијата на Ахмети ќе го „смени клубот“ и дека ќе и се приклучи на власта. Тоа често го користеше и СДСМ како наратив за некаков наводен договор за предизборна соработка со нагласена националистичка реторика, која служи за пумпање на рејтинзите на Мицкоски и Ахмети.
Комоцијата која ја ужива ВМРО-ДПМНЕ во однос на недостигот на квалитетна опозиција нема да трае предолго, особено ако падне на истиот испит за перцепцијата за корупција во општеството и неказнивоста на „капиталците“, а тука не помагаат политички договори и коалиции.
Впрочем, тоа добро го виде и СДСМ со последователните порази на парламентарните, претседателските и локалните избори. Исто така и ДУИ по повеќе од 20 години власт конечно беше казнет од албанските гласачи во Македонија, токму во моментот кога беа отворени сомнежите за злоупотреби во јавните набавки и договори за на општинско и централно ниво, сомнителни тендери во државна лотарија, коридорот 8, пензиските фондови, поштата, преземање на хотели и трговски центри, и лично богатење.
Х.С.