Дали дрес кодот за лекарите и сестрите остана само на хартија?
Дрес – кодот за медицинскиот персонал на скопските клиники кој требаше да се имплементира со одлука на Министерството за здравство се уште не е воведен во пракса. 9 месеци по најавата на Министерството за здравство дека ќе го уредува начинот на облекување и однесување на медицинскиот персонал во јавните здравствени установи, лекарите, медицинските сестри, и останатиот болнички персонал на повеќето скопски клиники сеуште се облечени во истите униформи, кои велат сеуште и ги купуваат од свој џеб. Фактор на скопските клиники разговараше со повеќе лекари, како и со менаџери на клиники кои објаснуваат каква е состојбата со лекарските униформи. Доктор вработен во една од интерните клиники, вели дека не сака да му се објави името, бидејќи се плаши за работното место, објаснува како се облекува за на работа.
Што да ви кажам, еве овој мантил на мене го купив во аптека за 850 денари, бидејќи претходниот го носам со години. Мојата клиника не само што не го имплементира тој дрес – код за докторите туку и со години не ни купува никакви униформи, за кломпи да не спомнувам, тоа е научна фантастика – вели лекар од скопските интерни клиники.Фактор разговараше со менаџерот на посочената клиника каде работи лекарот, тој исто така прифати да даде само неофицијално објаснување за состојбата, и за сите прашања не упати во министерството за здравство.
Одговорот зошто не го имплементиравме дрес – кодот е едноставен, бидејќи немаме пари. Кога министерот Тодоров го најави не не праша нас, сега нека најде начин да ја спроведе одлуката – вели менаџер на скопска клиника.Во истражувањето на Фактор за состојбата со начинот на облекување на медицинскиот персонал, се покажа дека состојбата не е иста во сите институции. Како една од болниците во која состојбата е релативно добра е градската општа болница 8 – ми Септември, каде и пред одлуката на министерот Тодоров постоеше унифициран начин за облекување на медицинскиот персонал. Од болницата за Фактор велат дека сеуште не го имплементирале новиот дрес – код но тоа велат е предвидено со буџетот.
Досега не го имплементиравме новиот начин на облекување поради недостиг на средства, но во планот за годинава ни е да порачаме униформи предвидени со новите правила. Се надевам дека во следните два – три месеца медицинскиот персонал ќе биде облечен според протоколот на Хоспитална куптура – вели Сашо Стојчев, директор на градската општа болница 8 – ми СептемвриДруга клиника која може да се издвои во позитивна насока е скопската клиника за Гинекологија, од каде велат дека ги купуваат униформите на вработените и каде е во тек на имплементација новиот начин на облекување. МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО МОЛЧИ Фактор не успеа да добие одговор од Министерството за здравство зошто 9 месеци по најавата од министерот Тодоров, сеуште не функционираат протоколите за Хоспитална култура. Министерството за здравство не одговори на прашањата пратени по електронската пошта, ниту на телефонските прашања. Она што Фактор сакаше да го праша министерството е дали го контролира спроведувањето на проектот за хоспитална култура и дали се предвидени казни за менаџерите кои не го спроведуваат. Во обид да добие поширока слика за причините за неуспехот на проектот, Фактор разговараше и со лекари од други клиники. Дигестивниот хирург Милчо Пановски вели дека на неговата матична клиника за Дигестивна хирургија ниту е воведен дрес – кодот на министерството за здравство, ниту има најави за тоа.
Кај нас нема ништо од новиот начин за облекување, јас не ги знам точните причини но претспоставувам дека се нема пари за тоа. Меѓутоа јас мислам дека се случуваат уште подраматични работи, еве додека зборуваме пак е паднат компјутерскиот систем за електронско закажување на пациенти, па Мој термин не функционира. И овој проект како и дрес – кодот во суштина не е лош, но проблемот е во набрзина и површно спроведените проекти кои потоа не функционираат како што треба – вели Дигестивниот хирург Милчо Пановски.Според проектот на министерот Тодоров бел мантил ќе може да носи само лекар, сестрата треба да биде облечена во светло син мантил, болничарот во светло сив, а техничкиот персонал во црвен или бордо комбилизон со јасно означување дека се работи за техничка служба. Воведен е и посебен начин на комуникација доктор-презиме, сестра-име. Вниманието на јавноста привлече и одлуката дека медицинските работници на работа не смеат да носат провокативна облека, или да користат тешки парфеми. Лекарите со кои разговараше Фактор велат дека сите правила останале само на хартија и во ушите на јавноста, но во пракса не се спроведува ништо од правилата. Инаку во контекст на објаснувањето на менаџерите и лекарите дека новиот начин за облекување не се спроведува поради недоволно средства, може да се спомене фактот, дека според последните информации на фондот за здравство, долговите и обврските на јавните здравствени установи во земјата надминуваат над 50 милиони евра. С.Р.
Слично
