Дали Бугарија направи антируски избор?
Бугарските граѓани вчера гласаа за европски правец во движењето на нивната земја. Според експертите, мнозинството што го освои партијата ГЕРБ на Бојко Борисов значи дефинитивно одделување на Бугарија од блиските врски кон Русија.
Борисов, кој победи на предвремените парламентарни избори и најверојатно ќе ја формира новата Влада, важи за политичар кој одржува релации блиски до Берлин, но не и до Москва.
Политичките сили, кои можат да се наречат „лојални кон Русија“, а тоа се бугарските социјалисти, претрпеа сериозен пораз на изборите, пишува руска „Газета“.
За време на претходниот мандат како премиер, Борисов на тогашниот руски премиер Владимир Путин му подари куче со бугарско потекло, но надвор од тоа, односите меѓу двете земји на економски и политички план не задоволуваа сосема, додаваат бугарските медиуми. Новата победа на Борисов ја доведува во прашање и реализацијата на проектот „Јужен поток“ на кој ЕУ се спротивставува, а за кој Москва силно се залага.
Медиумите во Русија потсетуваат дека токму во времето на Борисов беше прекината изградбата на нуклеарната централа „Белене“, која во Бугарија требаше да ја градат руски компании, и која беше започната уште во времето на СССР. Ваквата одлука беше донесена под притисок на САД, заради што Борисов се смета за особено неповолен за руските енергетски проекти на бугарска територија.
Уште повеќе, позицијата на Борисов е дополнително засилена, затоа што бугарскиот претседател Росен Плевнелиев исто така припаѓа на неговата политичка опција ГЕРБ.
Слично
