Дали Брегзит носи ризици и за македонската економија?
Од одлуката на Британија да ја напушти ЕУ, земјава ќе има минимални директни последици.
За Македонија политички и економски нема некои посериозни ризици од Брегзит.
Иако нашата економија е малку поврзана со британската, ЕУ е нашиот главен трговски партнер и ефектите од Брегзит ќе ги почувствуваме индиректно, потенцираат од Народната банка. На оваа тема се осврнуваат во извештајот насловен како „Ефектите од излезот на Велика Британија од ЕУ“. За мала и отворена економија најзначаен е трговскиот канал, односно размената на стоки со британските компании, се наведува во извештајот.
„Ризикот од зголемената неизвесност поради пролонгирањето на излегувањето на Велика Британија од ЕУ, може да се покаже и како најштетен за ЕУ, а соодветно и за македонската економија. Неизвесноста околу Брегзит може да доведе до намалување на довербата и зголемување на воздржаноста од инвестирање како на домашните, така и на странските инвеститори во ЕУ. Негативните економски услови може да се прелеат и врз македонската економија, преку вообичаените трговски и финансиски канали“ - стои во извештајот.
Се споменува дека постои и сосема мало влијание од промената на вредноста на британската фунта. Во структурата на бруто-надворешниот долг на Македонија, над 80 проценти, долгот е деноминиран во евра, потоа следува долгот земен во САД долари, а учеството на фунтата е многу мало.
Брезгит веќе предизвика низа бранувања економски и политички во унијата. Проблем ќе биде ако ситуацијата од Британија се преслика и во други делови на стариот континент.
