Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДАЛИ БИТКАТА ЗА ПАРЛАМЕНТАРНО МНОЗИНСТВО ЌЕ ГО ЗАГЛАВИ БУЏЕТОТ - матичната комисија закажана за в понеделник

ДАЛИ БИТКАТА ЗА ПАРЛАМЕНТАРНО МНОЗИНСТВО ЌЕ ГО ЗАГЛАВИ БУЏЕТОТ - матичната комисија закажана за в понеделник

„Чешлањето“ на Предлог буџетот за 2022 година треба да стартува во понеделник идната недела, односно за тогаш е ставен како единствена точка на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Но, одредениот датум кога треба да се одржи седницата, е единствената сигурна работа околу најзначајниот економски документ во државата.

Дали таа навистина ќе се одржи, кој со неа ќе раководи, дали ќе присуствуваат и дебатираат пратениците од опозицијата, дали и колку амандмани ќе бидат поднесени, и воопшто дали и како ќе тече расправата, но и гласањето, се дилеми на кои засега никој нема одговори.

Повеќе пречки стојат на патот на носењето на буџетот, за да се смета дека тоа ќе биде една редовна и вообичаена буџетска процедура како и досега.

Првиот проблем е што распоредот на силите во Собранието сега е 60 спрема 60, односно никој го нема мнозинството, што ќе значи дека ќе биде многу тешко да се обезбеди и кворум за работа, и мнозински гласови од пратениците.

„Работата на Собранието и досега не беше многу продуктивна, но со распоред на силите 60 спрема 60 тоа ќе биде уште потешко и понеефикасно, или практично ќе биде парализирано Собранието“, вели еден од пратениците за Фактор.

Ова прашање ќе биде голем проблем не само за буџетот, туку и за сите други идни закони кои ќе треба да ги носат народните избраници.

Можеби работите ќе станат појасни доколку една од двете конкурентски политички страни успее да обезбеди макар уште еден пратеник во своите редови, но засега тоа е неизвесно. Како што вчера најави координаторот на пратениците од СДСМ, не е исклучено уште денеска да имаме повеќе информации дали владејачката коалиција ќе биде дополнета со уште некој пратеник. 

Кај Комисијата за финансирање и буџет има уште една работа која не е толку позитивна, а таа е што ова клучно тело за разгледување на буџетот и другите фискални и финансиски закони, во моментов нема свој претседател. Како што е познато, на таа позиција беше Тимчо Муцунски, кој на локалните избори го освои градоначалничкото место во Аеродром, така што повеќе не е пратеник, а со тоа ни претседател на Комисијата.

За да се избере претседател на Комисијата за буџет, прво треба да заседава Комисијата за избори и именувања, и на неа да се одлучи кој ќе го пополни испразнетото место на Муцунски. Но, и Комисијата за избори и именувањеа исто така нема претседател, бидејќи досегашниот прв човек на ова тело, Коста Костадинов од СДСМ, пак, стана градоначалник на Струмица.

Тоа значи дека во услови на сегашната неефикасност на Собранието, тешко е да се изберат претседсател на Комисијата за финансирање и буџет.

Но, во отсуство на претседателот, Комисијата може да ја води и нејзиниот потпретседател, а тоа е пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ.

Па дури и, како што објаснуваат познавачите на собраниските прилики, и спикерот Талат Џафери, во услови кога нема прв човек на некоја комисија од било кои причини, може да го преземе раководењето со таа комисија.

„Сепак, таа е премногу долга и тешка комисија, со долги рокови за дискусија и бројни амандмани и расправи за нив, за тој товар на свој грб да може да го преземе претседателот Талат Џафери“, објаснуваат пратеници за Фактор.

Без оглед на целата драматична политичка ситуација, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ подготвиле амандмани на буџетот. Неофицијално оттаму велат дека се очекува амандманите да бидат слични како и за ребалансот на годинашниов буџет и ќе бидат 120 на број. 

„Тие ќе бидат за намалување на големите суми на договорни услуги, за парите за капитални расходи да се наменат за инфраструктурни проекти кои ќе бидат корисни и продуктивни за општеството, но и за други корисни проекти“, велат нашите извори од ВМРО-ДПМНЕ.

Како и да е, во овие околности не се знае ништо за тоа како ќе се одвива расправата за буџетот за 2022 година.

Инаку, по правило, за расправа во Комисијата за буџет се определени 10 дена, и тоа пет за општа, а пет за амандманска расправа, додека, пак, за пленарна расправа на Седница, според Деловникот, за буџетот се одредени пет дена.

Кој и да треба в година да управува со собирањето и трошењето на народните пари, факт е дека пред себе ќе има прилично амбициозна агенда. Да обезбеди приходи од 3,88 милијарди евра, а со оглед што се планира да се потрошат дури 4,43 милијарди евра, тоа да се направи паметно и рационално, и плус да се обезбедат кредити за покривање на буџетскиот минус, но и за враќање на стари заеми, за што всушност се планирани неколку вида на обврзници.

Од даноци државата планира да собере повеќе од половина од парите, или 2,2 милјарди евра.Она што паѓа во очи кога ќе се погледне приходната страна на буџетот, е тоа колку многу пари власта планира да инкасира од најиздашниот данок, ДДВ. Или, за в година се планирани од ДДВ да се наплатат 1,012 милијарди евра, што е за прв пат приходите од овој данок да ја надминат психолошката граница од една милијарда евра. ДДВ, како што е познато, е данок на потрошувачката, па се поставува прашањето што толку многу ќе се троши во следната година за толку високи приходи од ДДВ.

Од акцизи државата планира догодина да собере 468 милиони евра, а од персоналниот данок 342 милиони. Данокот на добивка ќе и донесе на државата 200 милиони евра, додека, пак, од царини се очекува се инкасираат 146 милиони евра.

Од придонеси би требало да се соберат 1,21 милијарди евра, и тоа 818 милиони евра од пензискиот и 341 милиони евра од здравствениот придонес.

Кога станува збор за тоа како ќе ги троши парите, Владата си одобрила за себе расходи од 4,43 милијарди евра, што е за 59 милиони евра повеќе од ребалансираниот буџет за оваа година, и го прави Буџетот за 2022 убедливо најгломазен во историјата на земјава.

За тековни расходи ќе отидат дури 3,8 милијрди евра.Во нив значаен дел заемаат трошоците за плати и надоместоци, дури 531 милиони евра или 18 милиони евра повеќе од ребалансираниот буџет за оваа година. Овој раст на сумата за плати се должи на зголемените плати за здравствените работници, судството, обвинителството, културата, кои се предвидуваат за следната година.Владата ветува дека ќе ги контролира новите вработувања во администрацијата. Додека, пак, за стоки и услуги, Владата вели дека ќе биде штедлива, бидејќи има намера да потроши 336 милиони евра, што е намалување за 21 милион евра во однос на годинашниов буџет.

За субвенции и трансфери ќе одат 396 милиони евра, за блок дотации 319 милиони, а за трансфери до единиците на локалната самоуправа 363 милиони евра.Огромна сума или близу половина од целиот буџет оди за социјалните трансфери. Оваа расходна ставка со буџетот за 2022 година ја надминува психолошката граница од две милијарди евра и ќе тежи 2,024 милијарди евра, што е зголемување за 30 милиони евра во однос на ребалансираниот буџет.

За пензии идната година ќе се потрошат 1,05 милијарди евра, или 28 милиони евра повеќе од планот со буџетот за годинава. За здравствена заштита, пак, ќе одат 586 милиони евра.

Она што е многу интересно, е владината амбиција за капитални инвестиции. Таа во 2022 планира во инфраструктура да вложи дури 615 милиони евра, или 130 милиони евра повеќе од сумата планирана со ребалансот за годинава, додека, пак, зголемувањето е 27 отсто во однос на планот за оваа година. 

Нина Нинека-Фидноска

Слично

Поврзани вести