Дали би платиле над милион евра за 4 отсто акции во фирма што има загуба од 4 милиони евра?
Некој мора да има дебела причина заради која пред два дена плати 1,24 милиони евра за 4,2 отсто од фирма која има акумулирана загуба поголема од 4 милиони евра. „Коппер инвестментс“ е компанија во која лани за плати, надоместоци и други примања на 10 вработени исплатила 1,28 милиони евра, покажува консолидираниот извештај. Не успеавме да најдеме веб страница на фирмата, а нејзиното седиште е во центарот на Скопје. Во регистарот на УЈП се водат две фирми со ист назив, а во продолжение на називот на втората пишува – поврзано лице“. Нема податоци за телефон, факс или мејл адреса.
Засега непознат инвеститор во блок трансакција плати 1,24 милиони евра за 4,2 отсто од акциите со право на глас во „Коппер инвестментс“ фирма што според консолидираниот извештај за 2016 година има загуба од 4 милиони евра!!!
Блок трансакцијата на берзата се случија во вторникот, а за секоја од истргуваните акции новиот сопственик плати 29.273 денари. Вкупната сума што инвеститорот ја плати за акциите беше 76,81 милиони денари. „Коппер инвестмент“ е компанија регистрирана за „помошни дејности за останатото вадење на руда“. Компанијата има вкупно 62.500 акции со право на глас и има вкупно 10 акционери, а номиналната вредност на акцијата е 4 евра.
Милион евра за плати на 10 вработени!!!
Од податоците објавени во консолидираниот извештај на „Коппер инвестментс“, објавен и на сајтот на берзата, може да се види дека лани компанијата исплатила 78,78 милиони денари (околу 1,24 милиони евра) за плати, надоместоци и други примања. Според официјалните податоци од Централниот регистер на Македонија (ЦРМ) лани во таа компанија просечниот број на вработени изнесува 10 лица. Дали е можно за плати и надоместоци и други примања на 10 вработени лица „Коппер Инвестментс“ да исплатил 1,24 милиони евра или просечно по 124.000 евра по лице? Од консолидираниот извештај се гледа дека лани компанијата имала оперативни трошоци во износ од 102,63 милиони денари. Од тоа најголем дел се горенаведените трошоци за плати и други надоместоци кои изнесуваат над 78 милиони денари. Загубата за ланската година изнесува 106,8 милиони денари. Со ланската загуба, од консолидираниот извештај се гледа дека вкупната загуба на компанија акумулирана до крајот на 2016 година изнесува 247,6 милиони денари и е за 171,5 милиони денари поголема од акционерскиот капитал и од премиите за акции кои изнесуваат заедно 76,5 милиони денари.
Во консолидираниот извештај пишува дека фирмата нема приходи од продажба лани и дека иам останати приходи во износ од 1.000 денари. Од друга страна пак во единечниот извештај на ревизорите пишува дека „Коппер инвестментс“ имаат приходи од продажба во износ од 64,3 милиони денари. Во овој извештај за плати, надоместоци и други примања фирмата за своите вработени издвоила 60,45 милиони денари, а крајниот резултат е загуба во износ од 2 милиони денари.
Во билансот на состојба пишува дека фирмата има долгорочни вложувања од речиси 500 милиони денари на крајот на 2016 година.
Кои се сопственици на „Коппер Инвестментс“?
Во базата на Централниот депозитар на хартии од вредност во делот за акционери кои поседуваат над 5 отсто од акциите воопшто нема податоци за „Коппер Инвестментс“. Во делот за издавачи на акции, ја има компанијата во регистарот и таму има податок дека има вкупно 10 акционери одкои: по едно домашно правно и физичко лице кои поседуваат по 4 отсто од акциите, 7 странски физички лица кои заедно поседуваат 42 отсто од акциите и едно странско правно лице кое поседува 50 отсто од акциите. Според последни официјални податоци кои се постари од две и пол години доминантен акционер на оваа компанија која во земјава требаше да отвара рудник за бакар е англиската фирма „Surrey Dynamics Limited“. За ова „Фактор“ пишуваше во октомври 2014 година и текстот може да го прочитате на следниот линк Британска фирма плати 1 милион евра за 2.500 акции без право на глас во македонска фирма
