Дали беспарицата и брзото темпо на живот ја „убиваат“ празничната еуфорија?
Иако дел од Македонците можат да си дозволат патување на егзотични дестинации за празниците, сепак многу од македонските граѓани кои живеат со мали плати, пензии или пак се невработени, Новата година ќе ја дочекаат дома.
За дел од нив има еуфорија, за други пак нема еуфорија и преминот од старата во новата година го чувствуваат како сосема обичен ден.
„Дома ќе бидам за Нова година. Немам некоја сума одредена за тоа колку ќе потрошам. Десетина години сум дома, со мали деца. Кој има пари може да си дозволи нешто повеќе, кој нема ќе си седи дома. Повеќето што ги знам од мојот круг на луѓе ќе останат дома. Еуфорија нема, а зошто е тоа така не знам“, вели Магдалена П, граѓанка.
Неколку дена нè делат од дочекот на Новата година.
„Уште немам никакви планови. Јас ќе чекам син ми да дојде од Германија, и како ќе кажат така ќе направиме. Претходните години одев во Германија. Според мене има еуфорија и таму и овде“, вели друга средовечна жена.
Друга жена објаснува дека со 12.000 денари тешко се опстанува, а не пак да се мисли за Нова година.
„Каде може да се отиде со тие пари? Јас ќе бидам дома, децата ми помагаат, инаку не можам да опстанам. Да ги платам сметките, да купам лекови, и од моите пари нема ништо“, раскажува Снежа Милевска.
Психијатарот Милијана Кацарска вели дека финаниската нестабилност е причина за стрес и напнатост во текот на целата година. Додава дека чувството дека сме во „финансиски чвор“ води кон депресија, несигурност, нестабилност, беспомошност.

„Ова посебно се потенцира во период на празнување, кога е потребно трошење за храна, евентуално за подароци, трошоци за патување. Меѓутоа од друга страна финансиска стабилност не значи среќа и безгрижност. Празниците во кои семејството е на прво место за многумина е соочување со вистината дека топлината и блискоста се потполно изгубени, соочени со фактот дека повеќето семејства се во „трка со времето“ поради поголема финансиска добивка, училиште или дополнителни активности. За време на празниците посветеноста на членовите на семејството еден на друг може да делува многу иритабилно. Освен тоа во домот се одвиваат празничните ритулаи, се подготвува празничната трпеза, и се „подгрева“ нереалната идеалистичмна слика за сложно семејство“, вели таа.
Додава дека отуѓеноста и проблемите кои цела година се „туркаат под тепих“ доведуваат до депресивно распложение, напнатост и стрес.
Вели дека голем дел од популацијата страда од депресија и анксиозност, а празниците се време кое треба да помине во опуштена атмосфера. Вели дека еуфоријата ја снемува поради внатрешни и надворешни фактори.„Како надворешен фактор на прво место би ги ставила меѓучовечките односи кои во денешно време се особено тензични, конфликтни, стресни. Ништо помалку значајни не се финансиите, и финансиската конструкција на поединецот и семејството. Внатрешниот фактор кој го продуцира празничниот стрес, а истовремено ја „убива“ еуфоријата е притисокот кој го вршиме самите на себе и личните калкулации, кои следат логично на крајот од секоја година“, додава психијатарот.
Вели дека ретко кој е задоволен од успехот на личен и професионален план, па затоа е добро да се инвестира во здрави меѓучовечки односи и да не дозволиме да нè понесе личното незадоволство.
Сања Атанасовска
