Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали архитектите се маргинализирани во создавањето на новата македонска архитектура?

Дали архитектите се маргинализирани во создавањето на новата македонска архитектура?
Вечерва во 20 часот во Музејот на Град Скопје започнува 17-тото Биенале на македонската архитектура. Во следните тринаесет дена во Музејот на Град Скопје и во Македонската национална галерија „Мала станица“, свои предавања, дискусии и презентации за улогата на архитектурата во општесвото, ќе имаат домашни и светски архитекти, но и градежни фирми. Свое претставување ќе имаат и студентите на Архитектонскиот факултет во Македонија. Според претседателката на Асоцијацијата на архитекти на Македонија Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, годинешното Биенале се одржува во еден најделикатен момент во архитектонското творештво, кога е многу важно да се зборува за архитектура, момент кога се создава архитектура која ги игнорира архитектите и се брани од нив, момент кога паралелно се создаваат два сосема спротивни света, две сосема различни слики.
„БИМАС е единствената манифестација во Македонија која го презентира архитектонското творештво и која ги собира и запознава архитектите. Архитектите се пред големо искушение да создадат архитектура, а да се борат и со паралелниот свет и со уште еден друг свет во кој архитектурата неретко се доживува во вид на приватна вила која треба да личи и на црква и на трговски центар. Насекаде е присутно чувството на потрошувачкиот однос кон стварноста и мнозинството од информации на кои сме изложени доведува до слабеење на можноста за критика и расудување. Неретко поради профитабилност, а и незнаење, сликите, визуелизациите, сензационалистичките ефекти на архитектурата рефлектираат вредности на потрошувачки идеали. Дали во тие случаи архитектурата треба да се сфаќа како потрошна стока? Архитектирата не смее да се омаловажува, поедноставува, упростува, маргинализира, сведува на слика, дизајн, плакат, парола“, вели претседателката на Асоцијацијата на архитекти на Македонија Сања Раѓеновиќ Јовановиќ.
Според неа, архитектурата остана со дотрајани просторни форми во кои нарачателот на делото игра се попресудна улога.
„Во такви околности на архитектот му преостанува само оригиналност и знаење како единствено оружје во борбата за добра архитектура, а добрата архитектура во себе содржи елементи на умеење и сознавање на просторот и времето во кои настанува. Само како таква опстојува на сцената. Светот и времињата секогаш се менувале, времињата поминуваат, а архитектурата останува. Таа е слика на времето и не може да биде различна од моментот кога е создавана. Никакво лошо време не може да го спречи добриот творец. Нас ни преостанува да бидеме доследни и создаваме јасна и вистинска архитектура“, додава Раѓеновиќ Јовановиќ.
Насловот на годинешниот БИМАС „Паралелни светови“, како контра-продукт на проектот „Скопје 2014”, но и посветен, на значењето и позицијата на архитектурата, за местото на архитектите во општеството. Архитектите на овогодинешното Биенале ќе дебатираат за тоа дали и колку живеењето во паралелни светови доведе до маргинализација на архитектите во општеството и на самиот процес на создавање на архитектурата. Претседателот на организациониот одбор на БИМАС 2014, Мартин Пановски вели дека во претходните години многу се пишуваше и говореше за архитектурата, но поврзано и ограничено со проектот „Скопје 2014”. Тој порачува дека без дефинирани принципи и стандарди во архитектурата, ниеден поединец, архитект, не може да се занимава достојно со сопствената професија без разлика дали е проектант, професор, урбанист, надзор, референт или критичар.
„Тоа е некој Проект 2014, кој неправедно му го залепивме на Скопје како целина. Темата на БИМАС 2014 „Паралелни светови“ само изгледа како да се однесува токму на тој и само на тој паралелен свет, кој на очиглед на сите нас, направи вртоглав упад во архитектурата во центарот на нашиот главен град. Но, дали е тоа единствениот паралелен свет, гледан од аспект на архитектурата, и дали тој во моментов е воопшто важен? Проектот „Скопје 2014“ направи само институционализирање на самоволието кое царува кога не постои систем на правила и вредности. Во услови кога не постојат правила или постојат, но не се прецизно дефинирани, не може да постои систем. Кога тој систем не постои или е аморфен, останува само на поединецот да се избори за имплементација на основните вредности на својата професија. Крајниот резултат е, сепак, општата лоша слика. Дали е одговорно од наша страна да зборуваме за паралелниот свет на Скопје 2014, а да не зборуваме за паралелниот свет на „енергетски ефикасните“ станбени згради со недоволен пробив на сончева светлина? Дали е одговорно од наша страна да зборуваме за „светски теми“, а да не зборуваме за паралелниот свет во кој ни се пишуваат правилата на практицирање на нашата професија, правила кои се научивме немоќно да ги прифаќаме, без силно наше учество во нивното изготвување“, вели претседателот на организациониот одбор на БИМАС 2014, Мартин Пановски.
Вкупно 112 труда се мноштво на разнообразни проекти и реализации, меѓу нив не е презентирано творештвото на проектот „Скопје 2014”, вели селекторот на БИМАС 2014, Билјана Филиповска. Според Филиповска во оваа масовна комерцијализација, злоупотреба на архитектурата во маркетиншки цели, оваа последна група на трудови влеваат надеж дека архитектурата сепак има сила да застане како браник на културата и уметноста пред напливот на грубата комерцијализација.
„Еден дел од проектите се дел од забрзаната комерцијализација на архитектонското творештво, особено во доменот на архитектурата во колективното домување , каде масовно изостануваат концепти во организација на станбениот простор, грижа за реалната употребна вредност на просторот во станот и вредности на хуманото живеење. Други проекти се вешти компјутерски визуелизации на архитектура која останува на рамниште на визуелното. Но, истовремено покрај квалитетното творештво на веќе афирмираните професионалци, се препознаваат извонредни архитектонски креации на тимови од млади архитекти кои се појавувааат на архитектонската сцена. Некои од нив сосема анонимни, кои опчинуваат со својата прецизност во функционалниот концепт и со својата слоевита артистичност и би рекла и неверојатна зрелост во архитектонскиот јазик на безвременост“, вели селекторот на БИМАС 2014, Билјана Филиповска.
И годинава на затворањето на Биеналето на Македонската архитектура на 19-ти овој месец, свечено ќе биде доделена гранд- при награда на БИМАС 2014 за реализиран објект, награда за реализација во ентериер, награда за идеен проект и специјална награда. Ј.С.
Слично

Поврзани вести