Дали акцијата за наплата на придонесите ќе ја намали дупката во Фондот за ПИОМ?
Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од денеска во акција за наплата на побарувањата за придонеси. Фондот за ПИОМ ќе ги блокира сметките на над 6.000 фирми и граѓани. Според Законот за отпишување на камати на достасани обврски по основ на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, овие должници не ги платиле договите во законскиот рок, односно заклулчно со минатиот месец. Се работи за долгови за придонеси до 31.12.2008 година.
Според Законот за отпишување на камати фирмите и физичките лица имале можност до крајот на месец мај оваа година да поднесат барање за отппишување на каматите и плаќање на долгот на рати. Долгот требало да се плати до крајот на минатиот месец. Во законскиот рок вакви барања од очекуваните 7.400 должници, поднесле само 1426. Но и од овие што поднесле барања, само 766 должници ги платиле придонесите со отпишани камати. Вкупниот долг и уплатен придонес од овие 766 обврзници е во висина од нешто повеќе од 8 милиони евра, од кои основниот долг е околу 4,4 милиони евра, а остатокот е камата.
Според податоците од фондот за ПИОМ вкупниот долг на сите должници е нешто повеќе од 162 милиони евра. И од овој долг според првиот човек на ПИОМ Бекир Назири, реално можат да се наплатат нешто повеќе од 37 милиони евра, бидејќи голем дел од компаниите се под стечај или со веќе блокирани сметки.
-Ако го споредиме вкупниот долг што може да се наплати, со наплатените околу 4,4 милиони евра, тогаш наплатата е околу 25%. Ова е солидна наплата, знаејќи каква е економската ситуација во земјата. Ние сме задоволни што успеавме да наплатиме толку на основ на придонеси, изјави Бекир Назири директор на Фондот.
Од 2009 година обврската за наплата на придонесите ја презема Управата за јавни приходи. Па така во периодот 2009 -2012 година вкупниот долг за придонеси за пензиско осигурување на фирмите и граѓаните изнесува околу 50 милиони евра. Фондот за ПИОМ.
Кој најмногу должел за придонеси?
Од оние 1.426 обврзници кои поднесле барања за отпишување на камати и плаќање на рати, 1.148 (80%) се фирми, 156 (11%) индивидуални земјоделци, 81 (6% ) адвокати и 42 (3 % ) попови и оџи. Од нив долговите си ги подмириле 547 фирми (71%), 59 адвокати (8%), 127 земјоделци ( 17 % ) и 33 попови и оџи(4%).
- Тие кои поднесле барања во законскиот рок а не извршили уплата, само го искористиле тој вакум простор за повторно да не го платат долгот, но затоа нивните сметки ќе бидат блокирани. Малку потешко ќе оди со свештените лица. Поточно за оние што се преку Македонската православна црква и Исламската верска заедница, наплатата ќе се изврши преку овие институции, но потешкотии ќе имаме за физичките лица оние кои сами свештени лица кои сами си ги плаќале придонесите, но ако нив не им е грижа, тогаш ќе мора да постапиме според законот, односно да им ги блокираме сметките, изјави Назири.
Меѓу поголемите должници има звучни имиња на приватни и државни фирми. Така најголем должник по основ на неплатени придонеси, а кои сега се подмирени била фимрата “Баргала”, со долг од околу 1,5 милиони евра. Како поголеми должници кои и во законскиот рок не ги подмириле обврските за придонеси се Славија, Маврово, Повардарие, Силтекс Силекс, Машинопромет, Комуналец Кавадарци, Трудбеник Охрид и други. Со долг од пет милиони евра се јавува и ЈП Македонски Шуми, но претпријатието е меѓу оние кои се обврзале да ги расчистат сметките со Фондот до крајот на годинава.
- Тие веќе работат во насока долгот да им биде избришан согласно Законот за претворање на обврските во траен влог и мислам дека тоа е веќе поминато на Влада така што долгот на Македонски шуми ќе биде исплатен од страна на Владата. Нас тоа не не интересира. Ние ќе ги имаме средствата и на осигурениците кои работеле во Македонски шуми ќе им биде прифатен реалниот стаж, изјави Незири.
Дали акцијата ќе го намали дефицитот во фондот?
Според директорот на ПИОМ Назири, ваквата акција е добра и за фирмите и за грѓаните, но и за самиот фонд.
- Со оваа акција не добиваат само обврзниците, туку и осигурениците, кои немаа платено придонеси. Со плаќањето некои се стекнуваат со право на пензија, а некои по новите пресметки ќе добијат и поголеми пензии. Можам да кажам дека е зголемена наплатата на неплатени придонеси, зголемени се изворните приходи на фондот, подобрена е неговата ликвидност, а намален е дефицитот, како и трансферите на средства од централниот Буџет во обем на зголемените приходи, изјави Назири.
Дека фондот е под притисок неодамна предупредија и ревизорите во последниот ревизорски извештај за ПИОМ. Касата на Фондот од година во година станува се попразна, а се пополнува е со пари од централниот Буџет, ова беше клучната забелешка на ревизорите . Економистите предупредуваат, Фондот е под притисок, а спроведените реформи не го дадоа очекуваниот резулатат. Анализирано по години буџетскиот дефицит на фондот од 2008 година до сега бележи континуиран пораст. Од 6% во 2008 година, на 14% во 2009 година, за лани да достигне 22 %. Во извештајот, ревизорите не ја исклучуваат можноста од понатамошно продлабочување на дупката во буџетската каса во Фондот, што и во иднина би се сервисирало од централниот буџет.
-Зголемувањето на бројот на корисниците на пензија како и усогласувањето на пензиите во 2012 година влијаеше на недостаток на средства за исплата на пензии поради што секоја година се зголемува зависноста на Фондот од позајмување на буџетски средства од основниот Буџет на РМ. За покривање на буџетскиот дефицит исплатени се средства од Буџетот на РМ во износ од околу 166 милиони евра, што претставува учество од 22 %, посочија ревизорите во извештајот. Сегашниот наплатен износ (4,4 милиони евра) од должниците за неплатени придонеси е околу 2,65 % од висината на дефицитот на фондот што го регистрираа ревизорите.
Вкупните приходи на Фондот, минатата година изнесувале нешто повеќе од 760 милиони евра. Според структурата, најголемо учество во вкупните приходи има придонесот од пензиско и инвалидско осигуривање со 59% и од Буџетот на РМ (трансфери од Бучетот на РМ,од Министерство за одбрана, пренесен вишок на приходи од претходна година ) со учество од 38%. Додека незначително е учеството на приходи од акцизи и останати приходи. И во состојба кога фондот води битка за ликвидност и спроведува акции за наплата на побарувањата со цел да ја наполни касата, Владата останува на ставот дека пензионерите навреме ќе ги добиваат пензиите , а од следната година и зголемени за 5 проценти.
Ј.С.
Слично
