Дачиќ во Скопје, изборите во Србија – договорена работа?
Српскиот премиер Ивица Дачиќ денеска ќе допатува во посета на Македонија, во рамките на која ќе се сретне со неговиот македонски колега Никола Груевски, објави Канцеларијата за соработка со медиумите на српската Влада.
Се очекува тема на разговорите да биде политичката и економската соработка меѓу двете земји, како и неодамнешниот почеток на преговорите на Србија за членство во Европската унија.
За време на посетата на Скопје, предвидено е Дачиќ да се обрати на свечената академија по повод Св. Сава, кој во Македонија се одбележува како празник на српската заедница.
Ова ќе биде веројатно последна посета на Дачиќ во Македонија во овој мандат, со оглед на тоа што уште денеска во Србија може да биде донесена одлука за вонредни парламентарни избори. Коалициониот партнер на Дачиќ, потпретседателот на Владата Александар Вучиќ, најави дека на Претседателството на неговата Српска напредна партија (СНС) ќе му предложи проверка на довербата кај електоратот.
Српските медиуми пишуваат дека одлуката за вонредни избори е договорена меѓу коалициските партнери Дачиќ, Вучиќ и Томислав Николиќ, кои се сретнале пред два дена на тајна средба на Дедиње и разговарале за натамошната соработка.
„Напредната партија повторно ќе прави Влада со социјалистите, со тоа што природно односот на силите ќе биде поинаков во однос на претходните избори. Логично е, сразмерно со поддршката која ја имаат, Вучиќ да ја преземе премиерската позиција од Дачиќ. По изборите нема да има долги преговори, премерувања и состаноци“, изјавил за српски Курир извор во владејачката коалиција.
Се проценува дека Дачиќ и Вучиќ со изборите сакаат да го искористат позитивниот момент по почетокот на преговорите на Србија за членство во ЕУ и да обезбедат што е можно повеќе места во српскиот Парламент.
Слично
