Дачиќ и Груевски: Ако сме умни ќе живееме во пријателство
На добрососедските односи треба да се работи, порачаа и премиерот Никола Груевски и неговиот српски колега Ивица Дачиќ во нивните говори на свечената академија по повод Денот на српската заедница во Република Македонија-Св. Сава.
„Присуството на денешниот настан, на високата делегација од соседна Србија, предводена од мојот колега Ивица Дачиќ, дава дополнителен квалитет во стремежот кој како држава го имаме во развој и унапредување на добрососедските односи и градење на релации, кои во духот на европските вредности се темелат на еднаквост, достоинство и почитување на човековите права“, рече Груевски.
Според Дачиќ, минатото треба да им се остави на историчарите и треба да се гледа во иднината.
„Ако Србите и Македонците се умни ќе живеат во љубов, пријателство и меѓусебна доверба. Ако не се, што нема да биде првпат, ќе работат во полза на сопствената штета и на радост на нашите непријатели“, додаде Дачиќ.
Св. Сава е српски просветител, а утрешниот ден е национален празник за Србите кои живеат во Македонија и е неработен ден за нив.
Пред одржувањето на свечената академија, премиерот Груевски оствари и тет-а-тет средба со неговиот српски колега Дачиќ во Владата. По средбата не беа предвидени изјави за медиумите, а Владата испрати соопштение во кое се потенцира дека и на заедничката средба, добрососедските односи биле во фокусот на разговорите на двајцата премиери.
Премиерот Груевски потенцирал дека двете држави имаат интерес и можности за искористување на потенцијалите во повеќе сфери од заеднички интерес, како што е економијата, особено инвестициите и развојот на трговската размена, претприемништвото, прекуграничната соработка и културата. Дачиќ истакнал дека односите меѓу двете држави се на највисоко ниво, поздравувајќи го нивното интензивирање, како добар пример за развој на односите меѓу две соседни држави, информираат од владината прес-служба.
Фото: МИА
Слично
