Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дачиќ доаѓа во Скопје, а дома му се спремаат избори

Дачиќ доаѓа во Скопје, а дома му се спремаат избори
Српскиот премиер Ивица Дачиќ утре ќе престојува во посета на Македонија, во рамките на која ќе се сретне со неговиот македонски колега Никола Груевски, објави Канцеларијата за соработка со медиумите на српската Влада. Се очекува тема на разговорите да биде политичката и економската соработка меѓу двете земји, како и неодамнешниот почеток на преговорите на Србија за членство во Европската унија. На пресконференцијата по официјалниот старт на преговорите во Брисел, Дачиќ најави дека доколку побараат Скопје и Атина, Белград е подготвен да помогне за решавање на спорот околу името. Меѓутоа на шега додаде: „Ве молам немојте уште во тоа нас да не мешате!“ За време на посетата на Скопје утре, предвидено е Дачиќ да се обрати на свечената академија по повод Св. Сава, кој во Македонија се одбележува како празник на српската заедница. Ова ќе биде веројатно последна посета на Дачиќ во Македонија во овој мандат, со оглед на тоа што се поизвесни се најавите дека уште утре во Србија може да биде донесена одлука за вонредни парламентарни избори. Коалициониот партнер на Дачиќ, потпретседателот на Владата Александар Вучиќ, најави дека на Претседателството на неговата Српска напредна партија (СНС) ќе му предложи проверка на довербата кај електоратот. Српската напредна партија на Вучиќ има најголем број пратеници во актуелниот состав на српскиот Парламент – 64, додека Социјалистичката партија на Србија, предводена од Дачиќ, има само 25 пратеници. Дачиќ денеска остана и без министерот за економија Саша Радуловиќ, кој поднесе оставка „поради недостигот на политичка волја во земјата за спроведување на клучните економски реформи“.
Слично

Поврзани вести