Дачиќ: Не може африкански плати, а светски цени
Владата остави неколку претпријатија во државна сопственост за да зачува национален интерес бидејќи граѓаните засега немаат пари за плаќање полна цена за некои услуги како електрична енергија или природен гас, изјави српскиот премиер Ивица Дачиќ.
- Не може во Србија да има светски цени, а платите да се африкански, изјави Дачиќ на форум за менаџер во Белград.
Српскиот премиер нагласи дека платите и пензиите во Србија се обезвреднети од движењето на курсот на динарот. Додаде дека Србија има највисоки даноци, највисока инфлација и највисоко ниво на невработеност.
- Не е лесно да се промени системот кога просечната плата е најниска во регионот, изјави Дачиќ.
- Треба да го стимулираме економскиот раст бидејќи друга формула нема, наведе српскиот премиер.
Дачиќ вели дека нема опасност од уривање на финансискиот систем, но нема да може да се очекува економски раст додека во соседните држави и државите од еврозоната постои проблем со намалување на економската активност.
