Да се враќаат пари од ДДВ за граѓаните – чија математика е грешна?!
Можно или невозможно е враќањето на ДДВ во џебот на граѓаните. И денеска власта и опозицијата во клинч поради предложената мерка од СДСМ.
„Mногу е лошо за луѓе кои вршат функција заменик премиер за економија, па дури и самиот премиер, директно, неуко да ја напаѓаат понудената мерка на СДСМ за враќање на средната класа, тврдејќи дека сепак треба да создадеме фискална дисциплина и фискална организација за спроведување на таа мерка, а тоа се случува во моменти кога на големо се затвораат дуќани ширум Македонија и само по себе потврдува колку е успешна фискалната организација на системот на државата“, вели претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Смета дека се работи за фер и демократска мерка со која што секој граѓанин ќе биде заинтересиран да придонесе во зголемувањето на својот сопствен буџет за 20 до 30 илјади денари годишно. Според пресметките на опозицијата, оваа мерка ќе пушти 130 милиони евра годишно пари кон граѓаните.
Секој граѓанин ќе биде на еден начин инспектор, човек кој што ќе бара фискални сметки преку која мерка повеќе ќе се изгуби потребата од затворање на дуќаните и секако со тоа губење на работни места, вели опозицискиот претседател и додава дека со предложената мерка на СДСМ се работи на отстранување на нелојалната конкуренција каде што никој нема да купува производи од оние кои што не даваат фискални сметки. Заев апелираше власта да размисли за имплементирање на оваа мерка и најави дека кога СДСМ ќе дојде на власт, веднаш во целост ќе ја имплементира.
За ВМРО ДПМНЕ ваквите пресметки се целосно неточни и невистинити, а мерката неприменлива .
„Ниту еден просечен граѓанин нема да добие 30.000 денари поврат на ДДВ бидејќи за да се случи тоа теоретски ќе треба да има платено кон државата ДДВ во висина од 200.000 денари годишно. Тоа пак значи дека треба да има направено промет, односно трошок од најмалку 1.111.000 денари или 18.124 евра. Ако оваа бројка се подели на 12 месеци ќе значи дека за да добие 30.000 денари поврат на ДДВ од државата во текот на една година, секој граѓанин ќе мора да потроши 1.510 евра месечно и тоа под услов сите производи што ги купил да се даночат по стапка од 18%“, стои во писмената реакција.
Оттаму пресметуваат дека во земјава многу од основните трошоци на граѓаните како храна, лекови, медицински помагала, компјутери итн. се оданочуваат со повластена стапка од 5% и пдоодаваат дека ова значи дека месечните расходи сепак ќе треба да бидат и многу поголеми од 1.510 евра.
„Според математиката на Зоран Заев едно просечно семејство од четири члена месечно троши по 6.040 евра. Што е фантазија и неукост“, реагираат од ВМРО ДПМНЕ.
Слично
