Економија, финансии, бизнис

Контакт

Да се распишат избори или не? Прашање е сега!

Да се распишат избори или не? Прашање е сега!

Денеска е важен ден. Се чека одлуката на првиот човек на Законодавниот дом дали ќе распише избори на 5 јуни или не.

Сите очи и уши денес се вперени во претседателот на Собранието Трајко Вељаноски кој не отстапува од оваа одлука и децидно кажа дека на избори на 5 јуни ќе се оди.

Вељаноски според изјавите е цврсто убеден дека избори ќе има на 5 јуни и како што истакна не постои опција која што би можела да го помести тој датум.

Опозицијата и власта со спротивни ставови околу ова прашање.

СДСМ  тврди дека на 5 јуни сигурно нема да има избори и дека власта нема да се осмели сама да оди избори.„На 5 јуни, сигурно дека ќе нема избори. Тоа е повеќе од јасно и тоа не е заради тоа што опозицијата така кажува, опозицијата ги бараше изборите, ние на зелена маса се изборивме да има предвремени избори, но се изборивме тие да бидат регуларни, фер и демократски, уште едни криминални избори, ниту на Македонија и требаат, ниту ќе биде некое решение за излез од оваа политичка криза“ – изјави Заев.

Претседателот Иванов пак вели дека изборите се неопходни и се можност да се наградат успешните и да се казнат неуспешните.

„Лидерите презеле обврска за слободни и фер избори. Тоа што го прифатиле мора да го исполнат, но ако има резерви или се промениле условите, им стојам на распологање да ги користиме уставот и законите, а не улиците. Улиците се за да се искаже незадоволство, а не насилство“ – вели Иванов.

За лидерот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ пак изборите се единствен излез од кризата.

Во последното обраќање тој уште еднаш ја повика опозицијата да не бега од избори .

Аналитичарите пак велат дека со избори на 5 јуни кризата ќе се продлабочи.

„Изборите може или да ја влошат кризата или да придонесат за наѕирање на почетокот на некакво решение. Но, решението нема да дојде преку ноќ. Македонија не е демократија. Треба да бидеме свесни дека ниту едни избори никогаш нема да бидат фер и демократски сè додека се организирани од ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата е ставена во не-фер позиција. Медиумски е блокирана и демонизирана. Правилата на играта се така поставени за да ѝ даваат предност на власта. Државните ресурси и институции се злоупотребуваат од партијата на власт. Ова е константа во политичкиот живот кај нас, но својата кулминација ја доживеа во режимот на Груевски-Ахмети. Не смееме да го заборавиме ниту багажот што голем број стари политичари од опозицијата го носат зад себе. Ова е фактичката состојба и од неа нема бегање. Опозицијата мора некогаш да излезе на избори. Неповолностите умниот политичар може да ги сврти во своја полза.

Но, се чини, ни недостасуваат способни политичари со визија и стратегија. Тука вреди да се спомене примерот со битката за општина Центар во време на локалните избори. При невиден притисок и употреба на сите ујдурми и мајмунлаци што ДПМНЕ можеше да ги смисли сепак доживеа пораз. Во овој правец треба да се осмислува стратегијата за рушење на ДПМНЕ. Револуција нема да се случи, а митот за „багер дипломатијата“ мора да биде фрлен во оган. Опозицијата требаше да излезе на избори и да ја подрие власта на Груевски. Но, откако уште еднаш стана роб на својата илузија за можност  на „чисти избори“ организирани од највалканиот македонски политичар – Груевски, тогаш изборите без опозиција секако ќе ја продлабочат кризата-смета  Д-р Јордан  Шишовски.

Професорот Рашковски  које е  изумител на патентот “електронска гласачка кабина”,  целата состојба за изборниот процес  сликовито ја раскажува преку метафора која  реално ја одсликува моменталната политичко –општествена  ситуација.

“На ваквата одлука Собранието само “правеше веридба и закажа во матично”. За да биде “бракот полноважен” потребно е на денот на “регистрацијата” младите да го кажат судбоносното “ДА”. Не може тие да кажат “ДА” на денот на веридбата и со тоа да се смета дека тоа “ДА” е доволно за пред матично. На матично се оди дента кога е закажано и во присуство на правно определен број на сведоци.Доколку решат младите да не одат пред матично и сметаат дека нивното “ДА” на денот на веридбата е доволно, тогаш нивното дете ќе е “вонбрачно”– објаснува професорот Рашковски.

Нејасно е според него што ќе се превземе  со 192 илјади лица кои немаат ниту лични карти, ниту патни исправи во МВР, ги нема ниту во пензиско ниту во здравствено осигурување, немаат трансакциски сметки, не плаќаат ниту данок, а ги има во Избирачкиот список.

“Свадбата е закажана ама сеуште не се знае колку гости ќе има”. Има гости за кои младенците немаат заедничка согласност дека треба да бидат поканети на свадбата. Со тие предлог-гости или се има изгубено близината заради тоа што се исселиле во странство и сега ради-реда, само затоа што се роднини треба да се поканат или пак се “ново доселени комшии”, па ред е комшијата да се покани. “Татковците на младоженците”, иако не зависи од нив кој ќе биде поканет за свадбата, затоа што младенците им го одземале “мандатот” и сега може да се само гости на свадбата, “по чаршија трубат” дека на младите им помагаат во составувањето на списокот со гости”-додава универзитетскиот професор.

На свадба  додава,  сме биле сите и знаеме дека  се прави со двајца младенци, а не со еден. Па затоа вели не е логично ако еден од младоженците се откаже, зошто да се прави свадба само со гостите од едната страна и за тоа да се потрошат 15 милиони евра – колку што е “целокупното мени”?!

Затоа професорот Рашковски  порачува: Дали ќе биде “македонска крвава свадба” или ќе биде “свадба еееее големааааа” зависи од тоа колку побрзо младенците го прочитаат “Законот за семејството”.

Слично

Поврзани вести