Да се постигне нов договор за прашањето на бегалците, повика Керим
Срѓан Керим, кандидат за генерален секретар на Обединетите Нации апелира да се постигне нов договор за прашањето на бегалците меѓу земјите каде тие првично бараат засолниште и државите кои се нивна крајна дестинација.
Тој во колумна во Хафингтон Пост, наведува дека претстојното Генерално собрание на ОН треба да се искористи за постигнување на таков договор меѓу Турција, Либан, Јордан и Кенија. Тоа се земји каде се сместени најголем број од бегалците, и земјите од Европа, Северна Америка и Азија каде бегалците бараат трајно засолниште. Знам дека можеме да дејствуваме подобро, пишува Керим.
„Како поранешен претседател на Генералното собрание на ОН, и како поранешен министер за надворешни работи на Македонија, земја чија економија и социјална структура беа силно погодени од актуелната криза, јас сум загрижен што не се покажа повеќе солидарност и заедничка посветеност“ - пишува Керим.
Смета дека светските лидери мораат да се водат од неколку принципи во пристапот до бегалската криза, вклучувајќи ја тука и обврската да се стави приоритет на заштитата на животите на лицата во опасност. Според него, вредноста на човечкиот живот мора да биде приоритет при решавањето на мигрантската криза. Нехуманото однесување кон бегалците и азилантите е неприфатливо од морална гледна точка, додава Керим.
Тој пишува дека Обединетите нации се создадени токму со таа цел - да разрешуваат глобални проблеми како бегалската криза, која се однесува на милиони граѓани од голем број нации.
