Економија, финансии, бизнис

Контакт

Да се ослободи Зоран Божиновски-бараат од Меѓународната федерација на новинари

Да се ослободи Зоран Божиновски-бараат од Меѓународната федерација на новинари

Меѓународната федерација на новинарите бара да се ослободи македонскиот новинар Зоран Божиновски.

Федерацијата на 29-ти Светски конгрес, кој се одржа деновиве во францускиот град Ангерс, усвои ургентна резолуција предложена од Здружението на новинарите на Македонија, со која се осудуваат македонските власти за апсењето на Божиновски. Светскиот конгрес на МФН го обврзува новиот претседател, белгискиот новинар, Филип Лерут, итно да ги повика македонските власти, Кривичниот суд, МВР, веднаш да го ослободат Божиновски.

„Истакнуваме дека апсењето на новинарите за наводни кривични дела без никакви факти и докази, не е практика во слободни и демократски земји. Ваквите обвинувања придонесуваат за дискредитирање на новинарите како предавници и криминалци со цел да се наруши нивната доверба во јавноста“ - се вели во резолуцијата.

Во резолуцијата се спомнува дека правото на новинарите да ги истражат и пишуваат нивните приказни е основно начело на новинарството, кое е гарантирано со европските и светски стандарди и македонскиот Устав.

МФН изразува целосна поддршка на новинарот Божиновски и на напорите на ЗНМ за заштита на слободата на медиумите и на правата на новинарите.

Претставниците на новинарите од целиот свет потврдуваат дека Божиновски во претходниот период објавувал текстови засновани на факти и документи, кои сведочат за вмешувањето на владини претставници во криминални активности. Од федерацијата сметаат дека единствена причина за апсење на Божиновски е да се спречи понатамошно објавување на нови стории.

Зоран Божиновски од Србија беше екстрадиран во Македонија во април годинава.

Новинарот беше уапсен во Нови Сад, по налог на српското Министерство за правда. Тој неколку години престојуваше таму, а за него, од македонските власти, во ноември 2013 година е издадена потерница како осомничен во случајот „Шпион“.

Новинарот два пати беше апсен во Србија. Првиот пат, во ноември 2013 година, беше уапсен во Нови Сад по потерница од Интерпол, и помина повеќе од една година во екстрадициски притвор. Со одлука на српскиот Апелациски суд беше пуштен да се брани од слобода, при што му беше одземен пасошот со налог да не ја напушта Србија.

Слично

Поврзани вести