Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДА СЕ КУПИ НОВ МЕБЕЛ ИЛИ ДА СЕ ТАПАЦИРА СТАРИОТ: Во кои случаи граѓаните ја бираат втората опција?

ДА СЕ КУПИ НОВ МЕБЕЛ ИЛИ ДА СЕ ТАПАЦИРА СТАРИОТ: Во кои случаи граѓаните ја бираат втората опција?

Граѓани, компании, но и угостителски објекти одлучуваат да го тапацираат мебелот наместо да купат нов. Занаетчиите кои се занимаваат со оваа работа, велат дека луѓето бираат тапацирање затоа што пресметале дека им испаѓа поевтино или пак ако се приврзани за одредени парчиња мебел и не сакаат да ги исфрлат, тогаш решаваат со тапацирање да им го продолжат векот.

„Во однос на тапацирањето, работам 42 години и има работа. Луѓето купиле мебел што им одговара на просторот, не сакаат нов и стариот го тапацираат. За 30 отсто за некои парчиња е поевтино да ги тапацираат отколку да купат нови, а за некои и повеќе. Не само поединци, туку и фирми бараат тапацирање на мебел. За тросед, двосед, фотелја цената е од 12.000 до 15.000 денари, сосе добар штоф, до 25.000 денари е сумата. Тапацираат гарнитури, на пример ако имаат постари од родители, ги сакаат и за да не ги фрлат, ги тапацираат. Ако нешто е квалитетно, не го фрлаат, го тапацираат. Пензионерите тапацираат мебел, а помладите поретко. Добро платно чини од 440 до 650 денари метар. Треба да земете квалитетно и да го направите како што треба. Луѓето тапацираат столчиња, спални и друго. Столиците се тапацираат најбрзо, но има секакви типови столици и тој поим е широк“, вели Бранко Кузманов кој се занимава со тапацирање на мебел.

Во Скопје и во Охрид има поголема побарувачка за вакви услуги.

„Најчесто тапацираат стари фотелји, кревети. Сакаат да ги обноват старите, затоа што се сомневаат дека новите ќе бидат квалитетни, а немаат можност да набават нешто ново и поквалитетно. Најевтините тапацирања се движат од 10.000 до 12.000 денари, зависно каков материјал треба да се искористи. Има побарувачка и во Охрид, Ресен, Прилеп, но и од Кичево се јавуваа. Нема доволно мајстори во Битола, на прсти се бројат, затоа што повеќето се иселија, но и многу луѓе не сакаат да ја работат оваа работа, затоа што е тешка“, рече битолчанец.

Со тапацирањето на мебелот, луѓето ја подобруваат функционалноста на истиот и го освежуваат амбиентот дома.

„Во Охрид најчесто тапацираат гарнитури и столчиња. Има и помлади и постари луѓе кои бараат вакви услуги“, рече охриѓанец кој се занимава со тапацирање на мебел.

Друг негов сограѓанин вели дека во минатото имало повеќе работа.

„Пред 5-6 години имаше многу работа, имаше толку нарачки што не можев да постигнам. Сега најчесто тапацираат столици и гарнитури, a некои тапацираат и седишта од автомобили. Во рамки на своите можности си планираат што ќе прават со мебелот“, додава тој.

Од фирма од Кавадарци велат дека има работа, а муштериите се одлучуваат за тапацирање на мебелот, затоа што или тоа им е поисплатлива опција или имаат некое поспецифично парче кое сакаат да продолжат да го користат.

Годишно во Европската Унија(ЕУ) се фрлаат приближно 10 милиони тони мебел, од кои 80-90 отсто завршуваат на депонии или согоруваат и затоа се препорачува со поправки да се продолжи векот на покуќнината. Поправката на мебелот е од суштинско значење за намалување на отпадот и има потенцијал да создаде нови работни места.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести