Антикорупциска:Да престанат огласите за државни вработувања пред избори!
Државната комисија за спречување на корупцијата бара да запрат постапките за вработувања во админситрацијата на централно и на локално ниво до завршувањето на локалните избори.
„Во врска со вонредниот зголемен број огласи за вработување на централно и на локално ниво што деновиве се објавени во јавните гласила, цениме дека се работи за активности ставени во контекст на претстојните локални избори и затоа бара државните институции - огласувачи на централно и на локално ниво да ги запрат сите натамошни дејствија во врска со објавените огласи за вработување се до завршување на изборниот процес односно со конституирањето на новоизбраните органи, а истовремено се бара да не се објавуваат нови огласи за вработување“, се вели во соопштението.
Комисијата побарала од Агенцијата за администрација да ги запре сите дејствија по однос на огласите за вработување објавени пред денот на донесување на Одлуката за распишување на локалните избори од 11 јануари, а нови огласи да не објавува на нејзината веб страница.
Според соопштението, Агенцијата за вработување нема да врши пријавување на засновање работен однос во државните институции на локално и на централно ниво, освен во случаите за кои има поединечно позитивно мислење од Државната комисија за спречување на корупцијата.