Цветановски: Очекуваме стабилизација на инфлаторните движења од септември
27-мото годишно собрание на АЦИ Македонија е добар повод да се собереме со финансиските експерти и членовите на девизни трговци и да дадеме едно видување на актуелните состојби на финансиските пазари, истакна претседателот на АЦИ Македонија, Бојан Цветановски на денешниот настан кој се одржува во Охрид
Минатата година, беше транзициски период, кога од состојба на дефлација тенденции се премина кон нови инфлаторни движења. Кумулацијата на монетарната маса која беше инјектирана од федералните резерви и ЕЦБ ја зголеми побарувачката за реални добри над понудата при што дадовме едно видување до кога овој ефект би траел и каков е импактот на актуелната безбедносна ситуација во Европа, рече Цветановски.
Очекувањата се од септември да се стабилизираат инфлаторните движења, потенцираше Цветановски.
Посочи дека Народната банка на почетокот на април 2022 година реагираше и со намалување на стапката за задолжителна резерва од денарските обврски и истовремено зголемување на стапката на задолжителна резерва на обврските во странска валута како одговор на зголемените преференции на населението за штедење во странска валута и промените кај валутната структура на депозитите во банкарскиот систем. Со оваа мерка, којашто е дел од предвидените мерки во Стратегијата за денаризација, Народната банка креира простор банките да пристапат кон промени во каматната политика, но и да понудат нови атрактивни депозитни производи коишто првенствено ќе бидат насочени кон привлекување на денарските средства на населението.

По ова отпочна панел дискусија на тема „Економски и финансиски предизвици на новата сегашност“.
Инаку, АЦИ здружението на финансиски пазари ги обединува претставниците на банкарскиот сектор коишто работат на домашните финансиски пазари и претставува платформа за развивање на добри професионални односи, зголемување на меѓусебната доверба, размена на искуства и постојана професионална едукација на вработените во банкарскиот сектор, а заради поефикасно обезбедување на финансиски услуги за граѓаните.
