Црвенковски најголем донатор на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ со „донаторски стандард“
Вообичаено 1.000-2.000 евра изнесувала донацијата на поединечни донатори во касата на ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година, покажа извештајот што партијата го достави до Државниот завод за ревизија.
Речиси сите донации на контото на владејачката партија се во износ од 60 илјади денари, а само двајца од вкупно 190 донатори дале двојно повеќе пари. На овој начин во касата на партијата биле собрани 185 илјади евра. Интересно е што иако извештајот е за цела 2013 година, сите донации се направени на почетокот на годината, од 10.01.2013 - 01.02.2013 година.
СДСМ од донатори во 2013 година собрала околу 5.185 евра, а уште 535 евра на партијата и заштедиле различни фирми кои одобриле попусти за услуги. Најголем донатор во 2013 за опозициската партија бил поранешниот лидер Бранко Црвенковски, којво периодот март-април-мај лани на сметката на СДСМ префрлил 4.836 евра.
Од 2.000 па до максимални 307.000 денари легнувале на сметката на Демократската унија за интеграција во 2013 година од различни донатори. Во извештајот на ДУИ доставен до ревизорите се гледаат и уплати од државни институции и јавни претпријатија - ЈП Македонски Железници - Инфраструктура, Министерство за земјоделство, АД Македонска Пошта и други.
Од партијата појаснуваат дека уплатите се однесуваат на членарина која што преку задршка од месечната плата ја платиле членови на ДУИ вработени во оваа институција. Така, преку Собранието на Република Македонија за сите пратеници од ДУИ на партијата и биле префрлени 96.000 денари, додека преку Македонска пошта за четворица вработени меѓу кои и директорот Рафиз Алити биле исплатени дури 114.400 денари.
Посебни уплати се вршеле и преку поштите во Гостивар и Охрид и преку Пошта 2, а на сметка легнувале пари и преку Министерството за здравство и Агенцијата за катастар на недвижности. Нема збирна информација за тоа колку пари вкупно биле собрани од ДУИ во текот на 2013 година.
Демократската партија на Албанците на Мендух Тачи не доставила ваков извештај до Државниот завод за ревизија.
Слично
