Црногорците гласаат: До 9 часот излезеноста 6,5 отсто-Ќе го предаде ли Ѓукановиќ тронот?
На парламентарните избори во Црна Гора до 09 часот гласале 6,5отсто од запишаните гласачи, соопштуваат домашните набљудувачи на изборите.
Избирачките места се отворени утрово во 7 часот, но на некои од нив гласањето доцнело бидејќи избирачките одбори не се снаоѓаат во ракување со електронската опрема за идентификација на избирачите.
Нешто помалку од 529 000 запишани избирачи ќе може да гласаат до 20 часот на 1 206 избирачки места.
За учество на изборите се пријавени 17 изборни листа кои се натпреваруваат за 81 пратеничко место во Парламентот на Црна Гора.
Покрај парламентарните, во четирите црногорски општини денес ќе бидат одржани и локални избори.
Првите независни резултати на досегашните избори, како што е најавено може да се очекуваат околу 21 часот, еден час после затворањето на избирачките места.
Парламентарните избори во Црна Гора ги набљудуваат повеќе од 2600 домашни и странски набљудувачи.
Ќе “преживее“ ли Мило Ѓукановиќ?
Предизборниот период го обележа и прашањето кој и дали го руши Мило Ѓукановиќ од власт и дали тој после 27 години ќе го изгуби тронот.
Премиерот Ѓукановиќ и неговата Демократска партија на социјалистите веќе 27 години владеат со Црна Гора, а прв пат од средината на деведесетите години на изборите излегуваат самостојно. Од друга страна, најголем дел од опозицијата настапува собрана во коалиција, за што аналитичарите сметаат дека е добро бидејќи со тоа „ја намалуваат можноста за уништување на гласовите“.
Во Црна Гора на сила е изборен молк, а лидерите на власта и опозицијата на завршните конвенции разменија остри пораки.
Ѓукановиќ порача дека после изборите ќе биде ставена точка на „антицрногорското дејствување“ на сите во таа државам а лидерот на Демократскиот фронт Андреј Мандиќ го повикал актуелниот премиер после изборите „мирно да ја предаде власта“.
