Црна Гора нов Кувајт: Под морето вистинско богатство!
Наскоро по четврти пат во изминатите 102 години, почнува истражувањето на нафта во црногорското подморје.
Зелено светло за тој потфат дала минатата недела владата на Црна Гора со потпишување на договорот со италијанско-рускиот консорциум Eни Новатек за концесијата на јаглеводороди во црногорското подморје.
„Пронаоѓањето на комерцијални резерви на нафта и гас би значело темел на целосно нова индустрија во нашата земја, која би допринела за зголемен обем на производство на извозна база, како и брз вкупен економски раст“, рекол при таа прилика премиeрот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ.
Министерот за економија пак рекол дека патот до потпис на овој договор траел седум години.
Италијанско нафтениот гасен гигант Ени, и рускиот Новатек, лани се изберени за најдобри понудувачи на тендерот.
Концесијата е издадена на 30 години.
Доколку бидат пронајдени нафта и гас, Ени и Новатек на Црна Гора ќе бидат обврзани да и дадат од 62 до 68 отсто од вкупниот профит од експлоатацијата.
Дали Црна Гора, како што претходно се надеваа, ќе стане нов Кувајт?
Јужнојадранското подморје, тврдат експерти, крие респектабилни количини на природен гас, но и нафта. Професорот Михаило Буриќ,и експертот за хидрологија од Подгорица, велат дека може да се очекуваат наоѓалишта „тешки“ околу 200 милијарди кубни метри гас.
На другата страна, еколошките организации од Црна Гора, Хрватска и Италија повторно, како и неколку последни години, водат опсежна акција да се забрани истражувањето на нафта и гас во Јадранското море.
