Црна Гора го забрани дочекот на Новата година на отворено и затворено
Во Црна Гора од утре ќе бидат на сила нови мерки од Министерството за здравство за спречување на ширењето на коронавирусот во текот на новогодишните и божиќните празници.
Тие ќе важат до 11 јануари следната година. Со новите мерки забрането е организирање на дочекот на Новата година на отворено и на затворено. Во текот на верските празници меѓу 24 и 25 декември, како и меѓу 5, 6 и 7 јануари, на граѓаните ќе им биде дозволено присуство во верските објекти под јасно дефинирани услови за престој во црквите и за време на верските обреди на отворено. Забрането е и организирање на сите стручни и нестручни собири (семинари, конгреси и сл.) во периодот од 28 декември до 11 јануари, а исклучок се пријавените јавни собири до 25 лица, во траење до 60 минути, со задолжително почитување на сите епидемиолошки мерки.
